Регион
Ангажирана Армијата на Србија откако околу 250.000 луѓе останаа без вода поради дефект на регионален систем за водоснабдување
Околу 250 илјади луѓе од синоќа се без вода во Србија поради дефект на регионалниот водоводен систем „Рзав“ во местото Горобиље и поради тоа од попладнево армијата е ангажирана за обезбедување вода за пиење на жителите на Чачак и на Горњи Милановац.
Прогласена е вонредна состојба во Чачак, а со дефектот се погодени околу 250.000 жители, меѓу кои и на Горњи Милановац, Ариље, Пожега и Лучани.
Локалните медиуми јавуваат дека ситуацијата е алармантна и речиси е невозможно и да се купи вода во маркетите. Општата болница во Чачак ги прекина најголем дел од операциите.
Локалните власти апелираат до населението да не ја користат водата од водоводниот систем „Рзав“ за пиење во следните десет дена, односно додека не се укине вонредната состојба.
Министерството за одбрана на Србија соопшти дека на барање на органите на локалната самоуправа, припадници на Армијата на Србија се ангажирани во обезбедувањето вода за пиење за жителите на Чачак и на Горњи Милановац.
Авто-цистерни на Војската на Србија со вода за пиење се поставени во општата болница во Чачак и на улиците на тој град и на Горњи Милановац, соопшти Министерството, каде што доставуваат вода до локалното население според распоредот на локалните комунални претпријатија.
Директорот на ЈП „Рзав“, Матија Братуљевиќ денеска изјави дека работите на санирање на дефектот на главниот цевковод на системот се во завршна фаза и дека корисниците веќе можат да добијат техничка вода за употреба во утринските часови.
Според локалните власти пукнала главната цевка со дијаметар од 1,2 метри, и протокот на вода од системот се намалил на нула за помалку од еден час, што предизвикало сериозни нарушувања во водоснабдувањето на градот.
Системот за водоснабдување обезбедуваше во Моравскиот регион по околу 400 литри вода во секунда речиси три децении.
мај 27, 2026
