Култура
Македонскиот стрип центар со нови изданија: Од домашни дебитанти до светски класици
Стрип центарот на Македонија – Велес ја реализираше годишната издавачка програма финансирана од Министерството за култура и туризам со три стрип изданија и една стрип книга. Издадени се 39 и 40 број на ревијата „Стрип Креатор“ како и 9 број на периодичното издание „Стрип Алманах“. Во актуелните изданија се застапени квалитетни македонски уметници, како и реномирани автори кои доаѓаат од Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Русија, САД и Полска – информира Томе Трајков стручен соработник и промотор на Стрип центарот на Македонија Велес.
Инаку годинешната издавачка дејност на СЦМ-Велес ја заокружи и преводот на стрип книгата „Враќањето на стариот Мачор“ од хрватскиот стрип-автор Андрија Мауровиќ и Руди Аљиновиќ .
Тој појаснува дека на главниот столб, на издавачката дејност на СЦМ-Велес е ревијата„Стрип Креатор“,која излегува во континуитет од 2003 година како духовен наследник на „Стрип Арт“.
– Списанието служи како клучна, отскочна даска за млади и неафирмирани домашни автори, но има и силно интернационално влијание бидејќи ги објавува наградените дела од Велешкиот стрип салон на македонски јазик. Угледот на ревијата е потврден и на меѓународната сцена, каде што броевите 39, а и најновиот број 40, влегоа во потесна конкуренција за најдобри светски и европски изданија на престижниот фестивал „Supertoon“ во Шибеник, Хрватска – информира Трајков.
Додава дека ревијата „Стрип Алманах“ од која е издаден бр. 9, е периодично издание кое од 2015 година делува како партнер на „Стрип Креатор“, фокусирајќи се на домашни цртачи и авторски проекти создадени на Стрип колонијата во Велес.
Сите изданија на СЦМ-Велес се делат на стрип-фестивали и културни институции.
мај 27, 2026
