Култура
Во Нови Сад почнува 71. „Стериино позорје“
Во Нови Сад вечерва почнува 71. „Стериино позорје“, на кое според селекторот Светислав Буле Гонциќ, ќе бидат претставени осум претстави како потврда дека театарот сè уште силно реагира на прашањата на современото општество.
Гонциќ истакна дека неговиот избор оваа година е резултат на потрагата по претстави, кои не само што нудат врвни уметнички дијапазон, туку и силна комуникација со публиката, како и дека овогодишната програма вклучува и нови толкувања на домашни класици, драматизации на литературни дела, современи драмски текстови и авторски проекти што се занимаваат со прашањата на денешното општество.
Фестивалот се отвора со изведбата на „Госпа Нола“ од Српскиот народен театар од Нови Сад.
До 3 јуни, во натпреварувачката селекција се вклучени „Мој театар“ од белградското Ателје 212, „Централа за хумор“ на Народниот театар во Белград, „Госпоѓа министерка“ од Словенечкиот народен театар од Марибор, „Шини“ од Народниот театар на Република Српска, „Професионалец“ од театарот „Звездара“, „Без бучава од два до шест“, на Хартефакт куќа и „Зошто се смее?“ од Народниот театар Сомбор.
Поради недоволниот буџет, оваа година нема да има вообичаена меѓународна програма „Кругови“. Тоа значи дека ова ќе биде фестивал исклучиво на национална драма, без странски претстави. Минатата година, покраинската влада одлучи да не ја финансира програмата на „Стериино позорје“, како и онаа на 70-годишниот јубилеј.
Овогодишното издание, според театарските критичари во Србија, е особено значајно бидејќи покажува дека домашниот драмски текст сè уште останува силна почетна точка за размислување за општеството, идентитетот и современиот човек.
„Театар е уметност на дијалог, емоции и преиспитување“, рече Гонциќ, оценувајќи дека токму во времето на брзи промени, сцената останува едно од ретките места каде што се среќаваат публиката и уметноста.
„Стериино позорје“ е основано во 1956 година во Нови Сад со цел да ја афирмира локалната драма и театарска уметност. Низ децении, фестивалот прерасна во една од најважните културни институции во Србија и регионот, а гостуваа најважните режисери, актери и театарски ансамбли од поранешна Југославија.
Покрај натпреварувачката програма, фестивалот традиционално носи богата придружна содржина, разговори со уметници, промоции на книги, изложби и професионални форуми посветени на современиот театар.
мај 27, 2026
