Connect with us

Култура

Продолжуваат археолошките истражувања во селото Ташмаруништа

Струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“ ја релизира третата фаза од истражувањето на археолошкиот локалитет околу црквата „Св. Архангел Михаил“ во селото Ташмаруништа, информира денеска директорката Цветлана Василевска. 

Со претходните сондажни археолошки истражувања на просторот северно и јужно од црквата, според директорката, биле откриени архитектонски остатоци, односно цврсто градени ѕидови кои можеби се меѓусебно поврзани, истовремени и дел од иста градбена целина, но тоа не можевме да го потврдиме поради малиот процент на истраженост.

-На просторот помеѓу нив откривме поголем број погребувања, кои според наодите ги датиравме во периодот од 19 до 20 век. Откриената архитектура спрема состојбата на терен дефинитивно е постара од погребувањата, но точната хронолошка припадност би се одредила со понатамошните археолошки истражувања. Овие наоди потврдуваат дека просторот крие уште многу тајни и поради тоа и оваа година продолжуваме со истражување, изјави Василевска.

Проектот „Геоскенирање и сондажно археолошко истражување во селото  Ташмаруништа“ прв пат од Министерство за култура и туризам е одобрен во 2023 година. Во првата фаза направени се недеструктивни геофизички истражувања. 

– Тоа беше нашата примарна цел, односно со ваквата проспекција која овозможува препознавање на природните и археолошките подземни аномалии без било какво пореметување во земјата да добиеме точни резултати во однос на тоа дали на просторот кој е предмет на истражување постојат архитектонски остатоци под земја, додаде Василевска.

Струшкото село Ташмаруништа, нагласи, располага со богато културно наследство, на површина од околу 7,5 километри квадратни има најмалку шест археолошки локалитети кои сведочат за живот на овие простори од железното време па сè до средниот век. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1