Култура
Осум концерти и еден музички документарец на 25. Оффест од 3 до 6 јуни
Осум концерти во четири фестивалски вечери ќе понуди програмата на годинашниот 25. Оффест (OFFest), кој ќе се одржува од 3 до 6 јуни. Организаторот, Скопски џез фестивал, денеска на прес-конференција најави богата програма со учесници од 12 земји, со посебен акцент на континентот Африка.
Директорот Оливер Белопета соопшти дека се држеле до стандардната концепција и сите изведувачи доаѓаат со специјални проекти. Иако се работи за јубилеј, рече, не се амбицирале да направат нешто специјално или програмски да го прошират фестивалот поради тоа што буџетот е ограничен и не постојат инфраструктурни услови за концертите. Како што рече, со години бараат летна сцена поради тропските услови, но дека досега не им е излезено во пресрет.
– Најважно беше главниот концепт на програмата и да се донесат најрепрезентативни имиња од т.н. трет свет односно музиката на светот, без да ја испуштиме Европа или медитерански земји. Годинава фокусот е на Африка. Секоја година од таму имаме од еден до двајца музичари од одреден регион, а сега обединуваме повеќе региони на Африка и правиме пресек на тоа што е таму актуелно, посочи Белопета.
Во однос на четврт век постоење рече дека јубилејот не е толку битен колку што е тежината на сите тие години и стекнатата репутација на Оффест.
-Дваесет и пет години е навистина долго искуство, списокот на изведувачи е голем и јас знам да се шокирам кого сè сме имале во овие години, почнувајќи од Дејвид Брн и Сезарија Евора на првиот Оффест, додаде директорот на фестивалот.
Оффест идната среда (3 јуни) во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ) ќе биде отворен со концерт на „Guitari Baro“ („Гитарски разговори“) – инструментално трио од две гитари и еден балафон, составено од тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали. Тројцата музичари ги спојуваат хипнотичките традиционални стилови со влијанија од џез, конгоанска румба, гвинејски танцови ритми и кубанска музика.
На првата фестивалска вечер од 22 часот во НОБ ќе гостува и BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness) од Јужна Африка. Групата постои 23 години и преку живописен, хедонистички транс звук, ги претставува богатите традиции, вера и ритуали на нивната татковина. Нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија им донесе обожаватели насекаде во светот. На јубилејниот OFFest се враќаат по две години, овојпат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“.
На 4 јуни во НОБ од 20 часот е концертот на врвниот виолинист Нилс Окланд од Норвешка со неговите соработници во „Nils Økland Band“, кои претставуваат локална традиционална народна музика, современа музика, џез и слободна импровизација. Нилс Окланд ќе настапи соло и потоа во дуо формат со органистот Сигбјорн Апеланд.
Во терминот од 22 часот во НОБ е концертот на македонскиот дует „Добрила и Доријан“ (Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ) познати од „Чалгија саунд систем“. На ОФФест ќе биде концертната промоција на нивниот трет албум „Wind To Blow”.
Третата фестивалска вечер (5 јуни) од 20 часот во Националната опера и балет ќе ја отвори шпанско-италијанското дуо „Raül Refree & Maria Mazzotta“. Вокалот Раул Рефри е познат по надминувањето на традиционалните жанровски граници и како еден од најиновативните продуценти во Европа во последната деценија. Марија Мазота, пак, е еден од најважните гласови на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Од нивната соработка произлезе албумот „San Paolo di Galatina“, со кој тие го интерпретираат апулискиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20 век.
Вториот концерт вечерта на 5 јуни, од 22 часот во НОБ, ќе го има женската група „Les Amazones d’Afrique“, со музичарки од Мали, Бенин и Конго, која го претставува современиот западноафрикански феминизам. Групата е формирана во Бамако, Мали, во 2014 година од три музички ѕвезди и активистки за општествени промени: Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Миријам Думбија. Тие ја користат музиката како форма на кампања за родова еднаквост и за свртување на вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените. Нивниот музички израз е богат со мелодии и стилски разновиден, спојува панафрикански звуци и колективни хармонии со суров, современ поп.
Последната фестивалска вечер на Оффест (6 јуни) ќе се одржи во Дансинг салата на Младинскиот културен центар. Од 22 часот ќе настапи Мачуме Занго, реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, кој се смета за нов мајстор на тимбила – традиционален дрвен ксилофон. Тој е дел од познатата група „Timbila Mozimba“ и има објавено соло изданија како „Wata M’cande“ и „Tatei Watu“. Во изминатите дваесет години, Мачуме има настапувано низ светот како изведувач и композитор на традиционална, експериментална и фјужн музика.
Од 23 часот на истата локација концерт ќе има четиричлениот бенд „Zawose Queens“ од Танзанија, кои ја продолжуваат долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Гого (познат и како Вагого) од регионот Додома во централна Танзанија. Тие ќе ги донесат своите источноафрикански корени со суптилни електронски елементи.
На последната вечер на Оффест во кино „Фросина“ во МКЦ ќе биде прикажан и бразилскиот музички документарен филм „Elis & Tom – It had to be you” на режисерот Роберт де Оливеира. Филмот е од 2023 година и направен од снимки од создавањето на албумот на Том Жобим, олицетворение на боса-нова, и Елис Реџина – популарна пејачка во Бразил. Тие во 1974 се сретнале во Лос Анџелес за да го снимат албумот, кој ќе стане еден од најиконските во историјата на бразилската музика.
Покровител на Оффест е Министерството за култура и туризам, кое на фестивалот годинава му додели 2,4 милиони денари. Град Скопје не учествува со поддршка, која ја прекинала претходната градоначалничка на главниот град. Како и во минатите години, автор на плакатот и на каталогот за Оффест е уметникот Зоран Кардула.
мај 26, 2026
