Connect with us

Општини

Со порака дека пчеларството е повеќе од професија одбележан Светскиот ден на пчелата во Општина Гевгелија

Во знак на оддавање почит кон пчеларите и на сите кои во било кој сегмент се вклучени во одгледувањето и напредокот на пчелите, како незаменлив дел од опстанокот на живиот свет на земјата, денеска во Гевгелија се одбележа Светскиот ден на пчелата. Настанот го организираа АДРА – Македонија, амбасадата на Република Словенија, Пчеларската федерација на Македонија, а домаќин е Општина Гевгелија. 


На Манифестацијата која се одржа на градскиот плоштад беа презентирани неколку пчелни здруженија, кои на посетителите им ги претставија медот и своите бројни пчелни производи, а учествуваа и учениците и децата од училиштата и градинките со едукативни и музички точки во кои пчелите беа главна мотивација.

Овој настан ја потврдува важноста и значењето на пчеларството, зачувувањето на природата и животната средина, истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање.

-Денес им оддаваме почит на пчеларите, луѓето кои со својот труд, знаење и посветеност, ја продолжуваат оваа благородна традиција. Нека овој ден биде уште посилен поттик да ја подигнеме свеста за значењето на пчелата и кај најмладите. Благодарност до Амбасадата на Република Словенија за иницијативата за овој настан и верувам дека во наредниот период ќе реализираме заеднички проекти – рече Сарамандов.

За словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, ова е ден кој со себе има порака за животот, природата и нашата заедничка одговорност кон идните генерации.

 
-Оваа година на 20 мај по деветтти пат во светот се одржува Светски ден на пчелата, тоа е иницијатива покрената од Република Словенија и прогласена од ОН во 2017 година. Со прогласувањето на овој ден Словенија упати јасна порака – пчелите не се само дел од нашата традиција и култура, туку незаменлив дел од опстанокот на живиот свет на земјата. Пчелите и другите оплодувачи имаат клучно значење за глобалната безбедност на храната, бидејќи се смета дека секој трет залак храна кој го конзумираме, зависи токму од нив, порача Прескер и истакна дека заштитата на пчелата не е само еколошко прашање, туку и прашање за иднината, здравјето и одговорноста кон нашата планета.

Во своето обраќање, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски потсети дека во Македонија има околу шест илјади пчелари, кои што се грижат за над 300 000 пчелни семејства.

– Пчеларството во Македонија не е само една од земјоделските гранки, тоа е традиција, симбол на хармонија помеѓу човекот и природата и темел на здравиот начин на живот.  Во југоисточниот дел има повеќе од 500 одгледувалишта и над 22 000 пчелни семејства кои сведочат за посветеноста и љубовта кон оваа благородна дејност. Во Општина Гевгелија се регистрирани над 70 одгледувалишта со 4 500 пчелни семејства. Како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство остануваме посветени на развојот на пчеларството преку финансиската подршка, едукацијата и воведување на современи практики. За таа цел минатата година објавивме еден од повиците за инвестиции во опрема во пчеларскиот сектор, посочи Трипуновски.


Тој потсети и дека преку кампањата „Македонско најдобро“ се поттикнувааат сите граѓани да изберат домашни земјоделски производи, меѓу кои се и медот и пчелните производи со што директно се подржуваат македонските пчелари, нивниот труд и домашната економија.

-Вашата работа е повеќе од професија и само заедно со заеднички сили можеме да изградиме одржливо конкурентно земјоделско производство меѓу кое е и пчеларскиот сектор – додаде Трипуновски.

Според Игор Илков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија, Гегелија е избран како град за одржување на прославата бидејќи е значаен за пчеларството. 

– Во Гевелија е детерминирана најчиста генетска линија на автохтоната медоносна пчела, во Гевгелија е регистрирано првото земјоделско здружение коешто датира од 1950 година – гевгелиското Здружение на пчелари „Нектар“, како и Пчеларската федерација на Македонија. Исто така, во Гевгелија во тек е регистрација на првиот репроцентар за пчелни матици од подвидот apis millifera Macedonica или македонска медоносна пчела. Со сите овие податоци ја ставаме Гевгелија на светската карта на пчеларството, истакна Илков.


Во рамки на одбележувањето се одржа и посета на пчеларската фарма „Алчинов“ во Мрзенци, каде функционира и центар за апи терапија.

Светскиот ден на пчелата се одбележува на 20 мај, во чест на раѓањето на Антон Јанша, пионер на современото словенечко пчеларство, а пред десет години овој ден е официјално признат од Обединетите нации како глобален повик за заштита на пчелите и биодиверзитетот.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1