Connect with us

Општини

Караван на Собранието гостин на УКЛО во Битола – отворено за идеите на младите

Пратеници од изборната единица број 5 денеска гостуваа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и дебатираа со студентите на тема „Отворено за идеите на младите“ и се информираа за начинот на организирање и функционирање на Собранието, односите на Собранието со другите институции, парламентарниот институт и други надлежности.

Народните избраници и студентите едногласно заклучија дека директните средби се неопходно потребни и се во функција на демократските процеси во државата.

-Проектот „Отворен Парламент“ многу успешно години наназад го организира парламентарниот институт при Собранието на Македонија. Ние пратениците денес дебатираме со младите, со студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и очекувам плодна дебата, аргументирана дебата. Очекувам младите низ денешната дискусија да ја разберат нивната општествена важност и потребата да бидат чуени и гласни, бидејќи конечно младите се нашата иднина, истакна Весна Бендевска, потпретседателка на македонското Собрание.

Според пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, вака замислените средби се одличен начин студентите да се информираат за ингеренциите на Собранието.

-Средбите се одличен начин за студентите како идни генерации што треба да се приклучат во општествениот живот во државата, да можат одблиску да се запознаат со улогата на народниот пратеник, да се запознаат со ингеренциите на Собранието и преку вака отворени средби, со директни прашања да бидат повеќе информирани, но и да дадат конкретни предлози за тоа што им е потребно, а е од надлежност на Собранието со законски или подзаконски акти, посочи Костадиновска Стојчевска.

Во изјава за медиумите, пратеничката Олга Лозановска, потсети на искуствата од парламентарниот караван организиран во минатата година.

-Ваков караван се одржа минатата година во повеќе од десет градови од Македонија и тогаш фокус беа граѓаните и невладините организации со кои се разговараше за работата на Собранието, улогата на пратениците и други надлежности. Оваа година фокус се младите, студентите и тие треба да се запознаат со работата на пратениците, а ние да ги слушнеме нивните предлози бидејќи младите треба да бидат двигател на општествените дејности во државата. Демократијата ги вклучува сите ресурси со кои живееме, а тој дел се младите и затоа треба да се вклучуваат со своите идеи за подобар живот во нашата држава, истакна Лозановска.

Во интерактивната средба, студентите од битолскиот Универзитет поставија серија прашања поврзани со работата на Собранието, процесите и процедурите за изработка и донесување на закони, политичка контрола и надзор на Собранието, мандат и имунитет на пратениците и други надлежности.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4