Култура
Во Македонскиот КИЦ во Софија промоција на книгата „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа промоција на книгата „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“ од м-р Александар Јорданоски а воедно и на Националниот конзерваторски центар – Скопје.
Настанот, како што информираа од Македонскиот КИЦ Софија, е дел од континуираната програма на Македонскиот културно-информативен центар, во чии рамки годинава се реализирани над дваесет културни настани со цел промоција на македонската култура во меѓународен контекст.
Во првиот дел од програмата, директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, ја претстави институцијата, нејзиниот развој, организациска структура и стратешки приоритети. Тој се осврна и на улогата на Центарот во заштитата на културното наследство, со акцент на конзерваторските и реставраторските активности.

-Јорданоски истакна дека зачувувањето на културното наследство е општествена одговорност и значаен елемент во градењето и одржувањето на културниот идентитет, посочувајќи ја и потребата од поинтензивна меѓународна соработка во оваа област, се наведува во соопштението на КИЦ.
За значењето на Националниот конзерваторски центар говореше и д-р Јехона Спахиу-Јанчевска, историчар на уметност и советник-конзерватор, која ја нагласи важноста на стручниот и интердисциплинарниот пристап во современите конзерваторски практики.
Во вториот дел од настанот беше промовирана книгата „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“, во која културата се разгледува во контекст на идентитетот, историската меморија и современите општествени процеси. За делото говореше д-р Спахиу-Јанчевска, која истакна дека книгата има значајна научна и теоретска вредност, додека директорот на Македонскиот културно-информативен центар и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, нагласи дека станува збор за значаен научен и општествен придонес со интердисциплинарен пристап.
април 19, 2026

