Connect with us

Култура

„Читај ја Македонија!“ – културно-образовен настан во Москва посветен на македонската книжевност

Во Русија и годинава се одржа културно-образовниот проект „Читај ја Македонија!“, кој од 2014 година континуирано го реализира Олга Панкина, претседател на невладината организација Македонски културен центар во Москва.

Како што информира Панкина, главниот настан во рамки на проектот се одржал вчера во Културниот центар „Фазил Искандер“, а бил наменет за деца на возраст од 12 до 13 години и нивни наставници. Настанот традиционално се организира напролет и е поврзан со одбележувањето на Денот на словенското писмо.

-Во обраќањето пред присутните, Панкина ги запозна учесниците со историјата на словенското писмо, нагласувајќи ја улогата на сесловенските просветители – светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј. Таа направи и панорамски преглед на македонската книжевност, од класиците како Блаже Конески, Славко Јаневски, Анте Поповски и Матеја Матевски, до современите автори, со посебен акцент на писателите кои создаваат литература за деца и млади, се наведува во соопштението.

Во претставувањето на македонските автори учествувале и артистите на театарот „Город“, кои преку сценски израз го доближија книжевното творештво до младата публика.

Во фоајето на Културниот центар била поставена изложба на книги од македонски автори преведени на руски јазик од Олга Панкина. Изложбата ќе биде отворена за посетители до крајот на мај.

Во рамки на настанот била изведена македонска народна музика, а пред присутните биле прикажани и видеоматеријали посветени на културата и природните убавини на Македонија.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3