Connect with us

Култура

Котевска на проекцијата на „Приказната за Силјан“ во Кочани: Филмоте е потсетник каква магија и убавина има во Македонија

Со  документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, Центарот за култура „Бели мугри“ го означи стартот на новата сезона на филмски проекции во Кочани.

Љубителите на големото платно синоќа  ја преполнија кино салата на кочанската Националната установа. Се бараше билет повеќе за да се биде просутен на првата проекција на новото платно, со новата дигитална опрема и ласерски проектор.

Во првите редови беа режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски, кои, кога се искачија на сцената добија силен аплауз од публиката. Котевска рече дека цели три години поминала во овој регион „бркајќи“ штркови и комуницирајќи со „прекрасните локалци кави што  нема во земјава“.

-Заљубена сум во овој регион и сакам овој филм да биде потсетник каква магија и убавина има тука, што понекогаш ја забораваме. Особено ми е драго што после се, можам да покажам една ваква приказна за Македонија, што доаѓа од овој регион и да ги потсетам сите какво богатство имаме ние  овде, во Македонија, истакна Котевска.

Меѓу присутните беа и претставници на Агенцијата за електронски комуникации, која со  својата донација овозможи комплетно да се смени кино опремата во „Бели мугри“, стара повеќе од педесет години. Претседателот на Комисијата на АЕК, Орце Симов, исто така од сцената, порача дека тоа е еден од начините да му се помогне на Кочани после се што се случи во дискотеката „Пулс“.

Во кино салата на „Бели мугри“ имаше и претставници на Кинотека на Македонија.

 Проекцијата имаше хуманитарен карактер. Средства од продажбата на билетите се наменети за повредените во мартовската  трагедија, на кои им е потребна долгорочна поддршка.

„Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска е двојно номиниран филм за „Оскар“, откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања. 

Премиерата на филмот во Македонија беше на 4 јануари 2026 година, а делови од него се снимени во околината на Кочани, на оризни ниви во Чешиново и Облешево.

Од ЦК „Бели мугри“ Кочани најавија дека по долги години во следниот период ќе биде објавен целосен репертоар на филм проекции.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1