Connect with us

Вести

НП: Почетокот на учебната година е потсетник дека секое дете има право на квалитетно, достапно и инклузивно образование, без дискриминација и поделби

Народниот правобранител – Оддел за заштита на правата на детето и лицата со попреченост, на сите ученици, а особено на првачињата кои денес првпат ќе зачекорат во училиштата и ќе го започнат своето образовно патување, им посакува успешна и среќна учебна година – година исполнета со добро здравје, стекнување нови знаења, совладување на нови вештини и градење другарства засновани на почитување, разбирање и поддршка.

Образованието е едно од основните права на секое дете, загарантирано со Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Почетокот на учебната година е потсетник дека секое дете има право на квалитетно, достапно и инклузивно образование, без дискриминација и поделби, се вели во пораката од Народниот правобранител по повод почетокот на новата учебна година.

Народниот правобранител потсетува на обврската да се почитува правото на задолжително и бесплатно основно и средно образование, при што обезбедувањето на учебници, наставни и дидактички материјали, како и бесплатен ученички превоз, се само дел од предусловите за непречено одвивање на квалитетен образовен процес. Особено внимание треба да се посвети на вклучувањето на децата од ранливи и маргинализирани групи – деца во социјален ризик, деца со попреченост и деца од социјално загрозени семејства и да се исполни обврската за создавање услови за нивна редовност и еднаков пристап до образованието.

Оваа година особено внимание заслужува фактот што децата со попреченост, кои продолжуваат со своето образование во средните училишта, ќе имаат поддршка од образовни асистенти, што претставува значаен чекор кон обезбедување еднакви можности и поголема вклученост на сите ученици во наставниот процес.

Имено, не е прифатливо децата со попреченост да бидат исклучени или сегрегирани. Напротив, треба да се обезбедат соодветни индивидуализирани мерки и разумно прилагодување во рамките на редовното училиште, за да се поттикне нивниот академски и социјален развој, се вели во соопштението од Народниот правобранител.

Имајќи ја предвид клучната улога на образованието во развојот на личноста на детето, Народниот правобранител ги охрабрува учениците – да се почитуваат меѓусебно, да учат заедно и да градат пријателства засновани врз толеранција, дијалог и почитување на различностите; наставниците – да бидат пример за отвореност и прифаќање, како и да обезбедат инклузивна настава која ги вреднува способностите и потенцијалите на секое дете; родителите – да бидат партнери во образовниот процес и да го поддржуваат учењето и развојот на своите деца во дух на соработка и доверба, а надлежните министерства, како и локалната самоуправа – да обезбедат соодветни услови за работа на училиштата, каде секое дете ќе може да напредува и да се развива во безбедна и стимулирачка средина.

Сите заедно имаме обврска да создадеме безбедна, инклузивна и поттикнувачка средина, каде секое дете ќе се чувствува вреднувано и охрабрено да го даде својот максимум. Да ја направиме оваа учебна година – година на напредок, еднаквост и почитување на детските права, стои во пораката од Народниот правобранител.