Политика
Конески: Младите луѓе во СДС наместо да се двигатели на промени, се заложници на политиките на Филипче и Заев
Последната прес-конференција на СДСM покажа само една константа во нивните политики, а тоа е дека апсолутно ништо не е променето во таа партија. Младите луѓе во СДСM, наместо да бидат двигатели на промени, креатори на позитивни политики и носители на нова енергија, се претворени во заложници на политиките на дуото Филипче и Заев, кои единствено се водат од потребата да го заштитат сопствениот криминално стекнат имот, се вели соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во кое се пренесува прес-конференцијата на Тодор Конески, член на ИК на УМС на партијата.
Овие т.н. нови и надежни кадри, кои денес зборуваат во името на СДСM, не претставуваат никаква свежина, туку се само параван на истата клептоманска матрица која со години владее во партискиот врв, рециклирана верзија на старите, добро познати криминални практики на оваа антинародна партија.
Во СДСM нема понуда, нема визија, нема капацитет за вистинска промена. Има само нервоза, обиди за дефокус и креирање наративи кои директно одат на штета на македонскиот народ и државните интереси.
Почитувани. Проблемот не е премиерот Христијан Мицкоски или ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот е вашиот континуиран неуспех да изградите цврсти, стабилни и одржливи политики во интерес на граѓаните. Проблемот е што СДСM и понатаму функционира како заложник на заевизмот со истите клевети, навреди, спинови и политички аматеризам.
СДСM зборува за млади, а зад себе остави генерации кои ја напуштија државата.
СДСM зборува за Европа, а ја оддалечи Македонија од европскиот пат.
СДСM зборува за функционална држава, а зад себе остави институции во распад и систем без доверба.
Овие евтини пи-ар трикови на дуото Башановиќ–Шчекиќ се веќе прочитани. Граѓаните јасно препознаваат кој работи во нивен интерес, а кој се обидува да ја прикрие сопствената неспособност.
Насоките што доаѓаат од ова дуо, не носат никаква промена. Тие се само нова амбалажа на истата политика која граѓаните веќе масовно ја отфрлија.
Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, испорачува конкретни резултати што граѓаните директно ги чувствуваат,за само две години реализирани се повеќе мерки за поддршка на младите отколку што СДСM успеа да направи за цели седум години владеење
Разликата е јасна, тие нудат навреди, додека ние нудиме резултати.
Нови и реновирани студентски домови, современи факултетски објекти, спортски сали, финансиска поддршка за младите претприемачи, поддршка за младите семејства, за лекарите и за сите оние кои својата иднина ја гледаат токму тука во Македонија.
март 31, 2026

