Регион
Образовни установи во Грција издавале непризнати дипломи – уапсени шест лица
Шестмина управители и одговорни лица на шест образовни установи во грчките општини Атика, Јанина и Ханија на Крит, се уапсени бидејќи при обуките наменети за возрасни издавале непризнати дипломи, откриле инспекторите на Дирекцијата за контрола на финансиските трансакции при Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ), јави дописничката на МИА од Атина.
Од ААДЕ соопштија дека по наредба на обвинителството, биле извршиле контроли во конкретните образовни установи кои нуделе обуки за возрасни лица и издавале уверенија, сертификати и дипломи, чија валидност била оспорена од надлежната служба за сертификација при Министерството за образование на Грција.
Од оваа активност, образовните установи оствариле незаконска добивка во вкупен износ од 3,2 милиони евра во 2024, 2025 година и сè до денот на контролата.
Дополнително, инспекторите утврдиле и даночни прекршоци, односно од 2020 година до денес, биле издадени над 10.000 даночни документи со неточни износи на приходи, прикривајќи и неплаќајќи ДДВ во вкупен износ од 1,8 милиони евра.
Уапсените шест лица се товарат за тешка измама и даночно затајување.
март 24, 2026

