Регион
Прво рочиште на судењето за железничката несреќа во Грција, процесот продолжува на 1 април
Неколку прекини, реакции од роднините на жртвите, тензична атмосфера, приговори за условите во судницата, го одбележаа првото рочиште од долгоочекуваниот судски процес за железничката несреќа кај Темпи пред три години, кој почна утрово во грчкиот град Лариса, а ќе продолжи на 1 април – јави дописничката на МИА од Атина.
Од девет часот утрово, во речиси петте часа колку што траеше денешното прво рочиште, главното незадоволство на присутните беше поради капацитетот и безбедноста на специјално адаптираната просторија на Конгресниот центар при Универзитетот „Тесалија“, каде што се одржува судењето.
Претседателката на судот го прекина рочиштето бидејќи додека ги читаше имињата на 36-те обвинетите, следуваа силни реакции од адвокатите на одбраната и од присутните, кои го изразија своето незадоволство, а воедно го коментираа и капацитетот на адаптираната судница.
Според грчките медиуми, рочиштето ќе продолжи на 1 април, а дотогаш ќе треба да се донесе одлука за конкретната просторија од 283 квадратни метри, во која имало само 120 столчиња за роднините на загинатите, сведоците, преживеаните, новинарите, но и над 200 адвокати.
За целата ситуација и негативната клима во судницата, роднините на жртвите извикувале „Срамота“.
Паралелно со почетокот на судењето, пред Конгресниот центар во Лариса се одржа и протест, а демонстрантите побараа правда и побезбеден транспорт.
Во судскиот процес за железничката несреќа што се случи на 28 февруари 2023 година, во која загинаа 57 лица, а над 100 беа повредени, обвинети се 36 лица, од кои 33 се гонат кривично.
Со оглед на тоа што станува збор за една од најголемите несреќи во Грција, коментарите во земјата се дека е историски судски процес, а роднините и семејствата на загинатите бараат правда
Меѓу обвинетите се: одговорниот на железничката станица во Лариса, од каде што возот, по направената планирана станица, продолжи кон крајната дестинација – Солун, а токму одговорниот дал наредба двата воза да се движат по иста шина; неговите колеги, кои биле на смена истата вечер, но си заминале порано; нивниот претпоставен; 28 поранешни раководители и вработени во железницата, во компанијата за железнички инфраструктурни проекти и во Регулаторната комисија за железницата; двајца сега веќе поранешни директори од Министерството за транспорт и инфраструктура, како и двајца поранешни високи функционери на „Хеленик треин“.
март 24, 2026

