Connect with us

Општини

Иницијатива на „Охрид SOS“ за воспоставување санитарно-заштитни зони Билјанини извори – Беј Бунар

Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS“ иницираше отпочнување постапка за утврдување и прогласување санитарно-заштитни зони околу Билјанинте извори и месноста Беј Бунар на територијата на Општина Охрид, согласно Законот за водите.

Во иницијативата доставена до ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање се посочува дека станува збор за значаен воден локалитет со висока природна, еколошка и водоснабдителна вредност, сместено во чувствителен регион со богата биолошка разновидност. Исто така се истакнува дека просторот околу изворите во последните години е под засилен урбанистички притисок, што претставува ризик за квалитетот на водата и еко-системите.

Иако водата од изворите со децении се користи за водоснабдување на Охрид, досега не се воспоставени законски предвидените санитарно-заштитни зони, се додава во документот.

Со иницијативата се бара од Министерството да покрене управна постапка, да иницира изработка на хидрогеолошка и санитарна студија и да ги вклучи во процесот Општина Охрид и релевантните институции.

Воедно, од Министерството за здравство се бара да изготви стручно мислење за потребата од воспоставување санитарно-заштитни зони од аспект на заштита на јавното здравје.

По обезбедување на потребните мислења, предлогот би бил доставен до Владата, за и формално утврдување на зоните.

Активистите на „Охрид SOS“  како подносители наведуваат дека иницијативата има за цел заштита на водните ресурси, зачувување на биолошката разновидност и унапредување на здравјето на населението.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2