Регион
Рама предлага намалување на бројот на пратеници, Бериша бара дводомен парламент
Несогласувањата на владејачкото мнозинство и опозицијата во Албанија, освен во подготовката на новата територијална и изборна реформа, се прошири и со различните ставови околу предлогот на лидерот на Социјалистите и актуелен премиер Еди Рама, за намалување на бројот на пратеници.
Додека Рама најави намалување на бројот на пратеници, неговиот најголем опонент лидерот на опозициската Демократска партија поранешен премиер и шеф на државата, Сали Бериша е против намалување на бројот на пратеници и бара формирање дводомен парламент.
-Зборуваме за реорганизација на Парламентот на Албанија. Во десетте досегашни парламентарни состави во собраниската сала влегле и излегле 1.136 пратеници. Не верувам дека постои Албанец кој вели дека ни требаат повеќе пратеници, туку напротив верувам дека се за намалување на нвниот бројот. Ние ќе го намалиме бројот на пратеници, за што граѓаните ќе се изјаснат на референдум, како и за други важни прашања, изјави Рама.

На изјавата на Рама реагираше Бериша, кој порача дека е за дводомен парламент, но не и за намалување на бројот на пратеници.
-Рама смета дека Албанија оди кон исчезнување и дека не ѝ требаат пратеници. Јас сум за дводомен парламент. Да има дом на пратеници и дом на Сенатот. Ако се направи ова, тогаш може да се задржи бројот 140, од кои 100 би биле пратеници, а 40 сенатори. Категорично не поддржувам ниту една иницијатива на СП, рече Бериша.
Албанскиот парламент брои 140 пратеници, избрани во 12 изборни единици, колку што има окрузи во земјата, кои опфаќаат 62 општини. На последните избори, одржани на 11 мај минатата година, социјалистите освоија 83 пратенички места, што подразбора дека може да изгласа секоја иницијатива која ќе ја предложи.
март 23, 2026

