Connect with us

Општини

МВР спроведе превентивни активности за спречување семејно насилство, зависности и за унапредување на сообраќајната безбедност

Подигнување на јавната свест за спречување семејно насилство, зависности и унапредување на сообраќајната култура се активностите кои деновиве ги спроведоа полициски службеници од повеќе сектори за внатрешни работи.

Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициското одделение Чашка, вчера реализираа активности во селата Извор, Владиловци и Јасеново на тема „Не биди нем сведок“, со фокус на спречување семејно и родово базирано насилство. На граѓаните им беа презентирани постапките и процедурите за пријавување случаи на насилство и достапните услуги за поддршка, заштита и привремен престој.

Во непосредни разговори, полициските службеници им укажуваа на жителите како да реагираат доколку бидат сведоци на насилство, со цел навремено спречување и пријавување на таквите појави. Слични активности вчера и денес беа спроведени и од СВР Скопје и СВР Штип во Скопје, Крива Паланка, Пробиштип и Берово.

Паралелно, во Велес и Скопје се реализирани и едукативни активности за безбедност во сообраќајот на темите „Не користи мобилен телефон“ и „Стави појас“. Полициските службеници укажале на опасностите од користење мобилен телефон при управување возило и значењето на користењето сигурносен појас од страна на возачите и сопатниците. Беа споделени и печатени едукативни материјали.

Во рамки на активностите за превенција од зависности, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи – Исток, во соработка со Црвен крст – Крива Паланка, одржале едукативно предавање во ООУ „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка. Учениците биле запознаени со ризиците од употреба на дрога, алкохол и цигари.

Од МВР порачуваат дека со ваквите активности се продолжува континуираниот ангажман за зајакнување на превенцијата, унапредување на безбедноста и поддршка на заедницата.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4