Connect with us

Општини

Во Штип одбележан Денот на крводарителството, во земјата и на Балканот најпотребна е крвната група А+

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, претставници на Општинската Организација (ОО) на Црвен Крст-Штип и од Центарот за трансфузиона медицина во Штип денеска  доделија признанијата на десет крводарителите кои несебично ја имаат дарувано својата крв, за да спасат нечиј човечки живот. Градоначалникот на општина Штип, Јорданов вели дека доделувањето на признанијата е да се мотивираат крводарителите да продолжат по тој пат, но и да мотивираат млади луѓе да бидат хумани и тие да донираат крв, за да се спаси човечки живот. 

-Во име на тоа очекувам во годините што следат, во месеците што следат заедно со Црвен Крст и Трансфузиологија да се организираат многу крводарителски акции преку кои ќе се собираат крвни единици за да се спасат човечки животи. Како локална самоуправа стоиме во насока на продолжување на соработката со овие институции за продолжување на овој хуман гест, кој што е потребен на ова наше општество – изјави Јорданов. 

Трансфузилогот Мери Шорова од Центарот за трансфузиона медицина – Штип вели дека лани имале стабилен прилив на крводарители, а особено радува фактот што се зголемува бројот на редовни крводарители. 

-Мотив и цел во 2026 година да го зголемиме бројот на првократни, односно на млади крводарители, ученици и студенти да се вклучат на оваа хумана мисија. Сакам да го честитам Денот на крводарителите, овие награди се признанија за нивната хуманост, за нивната солидарност, за нивното чувтсво дека треба да се помогне некому и сакам да упатам една голема благодарност до Црвениот Крст за нашата тесна соработка, контиунираната поддршка, бидејќи навистина имаме спроведно успешни крводарителски акции-рече Шорова. 

Таа истакна дека голема поддршка дава и Општина Штип и градоначалникот Јорданов, кој е и крводарител. Прашана која крвна група е најбарана,најпотребна Шорова одговори дека во нашата држава и во земјите на Балканот тоа е крвната група А+.

Секретарот на ОО Црвен Крст-Штип, Деспина Димитровска на денешното доделување на признанијата на крводарителите рече дека денеска од страна на сите институции им се оддава благодарност на сите крводарители, кои спасуваат човечки животи и даваат личен придонес во текот на целата година. 

-Доколку се осврниме на годината позади нас можеме да кажеме дека бележиме значително високи резултати на полето на крводарителството, односно имаме 2.897 крвни единици, кои што се реализирани минатата година. Меѓутоа тоа не се само крвни единици, тоа значи надеж за некого-вели Димитровска. 

Таа истакна за да се мотивираат млади за дарување на крв се организираат мотивациони предавања во средните училишта, од страна на врснички едукатори на Црвен Крст-Штип и Центарот за трансфузиона медицина. 

Штипјанецот Трајанчо Јанев сто пати ја има дарувано својата крв, за да спаси човечки живот. Тој денеска доби признание и вели дека дарувањето на крв го исполнува лично како човек, бидејќи знае дека со неа се спасува нечиј живот. Со дарување на крв почнал во 1992 година.

-Планирам да дојдам до бројката 150, а потоа ќе видеме. Сакам да ви кажам дека веќе имам и наследник, мојот син кој се уште нема 19 години има дарувано четирипати крв и би сакал секој здрав човек барем еднаш во годината да дарува крв-рече Јанев. 

Крводарителот Јанев ја има крвната група О- и е на листата на повик на Клиничка болница-Штип и на Центарот за трансфузиона медицина. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 4