Регион
Меѓународната мрежа “Безбедни новинари“ загрижена за однесувањето на Еди Рама кон новинари во Тирана
Меѓународната мрежа Безбедни новинари (SafeJournalists), која ги штити правата на новинаритеизрази загриженост за тоа што се случи на прес-конференцијата на премиерот на Албанија, Еди Рама, каде што тој, по жестока дискусија со новинарка, рече дека таа повеќе нема да може да присуствува на неговите прес-конференции, а потоа побара од претседателот на здружението на албански новинари да си замине.
Новинарката на „Сити нет“, Амброзија Мета видно го вознемири Рама со прашањето: како може обичен граѓанин за неплатена струја да лежи во затвор, а сега на веќе поранешната вицепремиерка Белинда Балуку за милионска корупција да не и се одзема пратеничкиот имунитет и се движи слободно.
„Слични инциденти меѓу премиерот и новинарката Мета веќе се документирани и претходно и веќе предизвикаа реакции од механизмите за следење на слободата на медиумите, вклучително и мрежата Безбедни новинари, се наведува во соопштението.
Мрежата верува дека „острата дебата меѓу новинарите и јавните службеници е составен дел од демократската контрола“ и дека „повторените инциденти што водат до исклучување на новинарите или стигматизација на критичките медиуми ризикуваат да создадат преседан што го поткопува еднаквиот пристап до информации од јавно значење и ја ослабува јавната одговорност“.
„За време на истата прес-конференцијата, од новинарот Иса Мизирај, претседател на Здружението на новинари на Албанија, исто така беше побарано да го напушти настанот по вербална размена на мислења“, се истакнува во соопштението.
Во него се забележува дека „професионалната комуникација со меѓусебно почитување меѓу јавните службеници и новинарите е од суштинско значење за да се обезбеди дека прес-конференциите остануваат простор каде што новинарите можат да им поставуваат прашања на оние на власт за прашања од јавен интерес“. Исто така предупредува и на реториката.
Мрежата Безбедни новинари ги повика властите во Албанија да „обезбедат транспарентен и фер пристап за сите новинари до официјални медиумски настани, да се воздржат од селективно исклучување на новинари и да ги решат сите обвинувања во врска со медиумските куќи исклучиво преку законски институционални канали, со целосно почитување на слободата на медиумите и правичното судење“.
Мрежата ја сочинуваат Здружението на новинари на Македонија, Хрватското здружение на новинари, Здружението на новинари на Косово, Здружението на новинари на БиХ, Независното здружение на новинари на Србија и Медиумскиот синдикат на Црна Гора.
март 14, 2026

