Општини
Коњановски: Минатата година вложени над 400 милиони денари за инфраструктурни проекти во Општина Битола
Заклучно со четвртиот квартал реализирани се капитални расходи во износ од 411.187.922 денари, истакна градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски на денешната седница на Советот на Општина Битола на која меѓу другото се расправа по извештајот за реализираното во минатата година.
Според градоначалникот Коњановски, инвестирано е во многу проекти, а најави и нови за кои очекува владина поддршка.
– Во 2025 година, изградбата на детска градинка во АРМ е извршена со сто проценти од планираните фази кои биле предвидени со градежната динамика, голем процент на реализација имаме во програмата за енергетска ефикасност, освен сончеви панели во неколку училишта, ОУ „Стив Наумов“ доби енергетски ефикасна фасада, извршена е реконструкција на уличното осветлување на улицата „Никола Тесла“, реконструкција на водоводна мрежа на улица „Нико Фундали“, а стопроцентно реализирани се и на коловоз на улицата „8-ми Септември“, улицата „Солунска“ … изградба на велосипедска патека, реконструкција на фудбалскиот стадион под Тумбе и други, нагласи градоначалникот Коњановски.
Вкупните расходи на Општина Битола биле планирани на 1.464.825.712 денари, а реализирани се 1.071.722.119 денари, беше истакнато на седницата на Советот на Општина Битола.
март 14, 2026

