Connect with us

Регион

Грчкото МНР ќе воведе платформа за собирање и следење вести со цел заштита од дезинформации

Од 1 април во Министерството за надворешни работи на Грција ќе почне да функционира нова, високо специјализирана платформа – Global Media Center, што ќе има за цел собирање на сите вести од кој било медиум и од кој било извор, соопшти шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис објасни дека платформата ќе се однесува на Грција и ќе врши своевидно прочистување и проверка на вестите, за да се знае нивното потекло и веродостојност, да се прави нивна обработка и да има брза реакција преку јавната дипломатија.

– Станува збор за проект финансиран од Фондот за закрепнување и отпорност на Европската унија и ќе ѝ овозможи на земјата: прво, да знае кои вести циркулираат; второ, да го процени нивото на нивната веродостојност и трето, да предложи соодветни активности за реакција на нив, истакна министерот за надворешни работи на Грција и нагласи дека „дезинформацијата, особено свесната дезинформација претставува современа форма на тоталитаризам.“

На конкретната платформа се осврна и портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот брифинг со новинарите и објасни дека претставува „современа алатка за паметна јавна дипломатија“ и овозможува дигитално следење и архивирање на медиумски содржини, насочено пребарување и евидентирање на она што е меѓународно актуелно.

– Користењето на Global Media Center ќе му помогне на нашето Министерство во справувањето со дезинформации и хибридни закани насочени против нашата земја, а истовремено значително ќе ја поддржи меѓународната промоција на сликата на Грција и на ставовите на нејзината надворешна политика. Би сакала да нагласам дека ниту една функција на оваа платформа не е насочена против слободата на изразување и не овозможува мешање во новинарската професија, нагласи Зохиу.

Додаде дека платформата ќе ја зајакне можноста на Министерството за надворешни работи брзо и ефикасно да открива евентуални лажни вести и „веднаш да издава соодветни соопштенија со кои суштински ќе се побиваат неточните или злонамерни објави“.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3