Општини
„Кочани ви благодари“ – признанија за медицинските установи и државите што помогнаа во лекувањето на повредените во пожарот
„Кочани ви благодари“ – признанија за медицинските установи и за државите што помогнаа во лекувањето на повредените во трагичниот пожар, најавуваат од Општина Кочани.
– Годишнината од трагичниот пожар во Кочани ја доживуваме како момент на тивко сеќавање, но и како момент на човечка солидарност. Кочани ја носи болката од загубата на 63 млади животи, но истовремено ја памети и огромната поддршка што ја добивме од многу пријателски држави, институции и луѓе со големи срца, изјави градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов.
Тој информира дека на 15 март, недела, во 13:30 часот, во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе им се упшати благодарност на претставниците од медицинските установи – клинички центри, воено-медицински академии и болници од повеќе држави кои помогнаа во лекувањето и рехабилитацијата на повредените.
– На врвни доктори и медицинари од Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија, Турција, Шведска, Унгарија, Полска и Шпанија ќе им оддадеме признание за подадената рака, за солидарноста и за надежта што им ја дадоа на нашите млади луѓе и на нивните семејства – на сите нас. Заеднички, Општина Кочани, здруженија и локалната заедница, ќе ја искажеме нашата неизмерна и незаборавна благодарност кон нив, додаде Грозданов.
Настанот ќе биде проследен со музички настап на Игор Дурловски и балетски перформанс на Јована Зајкова, Бобан Русески и Зарина Првасевда.
март 13, 2026

