Connect with us

Регион

Христодулидис: Одлуката на Турција да распореди Ф-16 во окупираните територии е реакција на пораката на Европа за Кипар

Очигледно е дека одлуката на турската Влада да распореди Ф-16 во окупираните територии на Кипар е реакција на пораката што Европа ја испрати дека безбедноста на Кипар е и безбедност на Европската унија, рече кипарскиот претседател Никос Христодулидис, коментирајќи ги информациите дека во непризнатата Турска Република Северен Кипар, денеска пристигнале шест воени авиони од Турција, објавија кипарските медиуми.

– Што и да направат, што и да донесат на Кипар и да потсетам дека постои значителен број окупаторска војска и воена опрема во окупираните подрачја, Турција нема да престане да биде окупаторска сила во Кипар, посочил Христодулидис.

Денеска на Кипар пристигнуваат претседателот на Франција Емануел Макрон и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и заедно со Христодулидис ќе одржат трилатерална средба во градот Пафос, што од рано утрово, како што пишуваат медиумите, е под силни безбедносни мерки.

По средбата, планирана е и заедничка прес-конференција.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис вчера посочи дека посетата на Мицотакис и Макрон на Кипар е „во рамките на постојаната и блиска координација на Христодулидис со лидерите на земјите-членки на Европската Унија“.

-За време на кусата посета на грчкиот премиер и на францускиот претседател, ќе имаат можност со претседателот на Кипар да разговараат, да направат преглед на регионалните случувања, но и на високото ниво на координација меѓу трите земји, како и со учеството на Италија, со пристигнувањето на фрегатата што ќе дојде, во рамките на засилените превентивни мерки што се преземени во Република Кипар со помошта од овие држави, на кои уште еднаш им се заблагодаруваме, посочи Летибиотис.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1