Свет
Главната правничка на „Голдман Сакс“ поднесе оставка поради поврзаност со Епстин
Банката „Голдман Сакс“ потврди дека нејзината главна правничка Кетрин Румлер поднела оставка по откритијата дека нејзините врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин биле поблиски отколку што претходно се знаеше.
Американската банка за „Фајненшл тајмс“ и за „Њујорк тајмс потврди дека Румлер официјално ќе се повлече од функцијата на 30 јуни.
Румлер (54), поранешна федерална обвинителка и советничка во Белата куќа за време на претседателот Барак Обама, ја извршува функцијата главен директор за правни прашања на „Голдман Сакс“ од 2021 година.
Како што пренесе ДПА, новите информации доаѓаат откога беа објавени голем број документи поврзани со Епстин, кои покажаа дека Румлер примала скапи подароци од него и го советувала за медиумски прашања додека се занимавала со адвокатура.
Рачно напишани белешки на ФБИ вклучени во досиејата укажуваат на тоа дека Румлер била меѓу оние на кои Епстин им се јавил веднаш по апсењето во 2019 година, пишува „Волстрит џурнал“. Епстин подоцна почина во својата затворска ќелија во Њујорк.
Портпаролката на Румлер изјави дека таа имала само професионален однос со Епстин и дека не била свесна за неговите злосторства. „Голдман Сакс“ претходно ги отфрлаше сугестиите дека овие откритија би можеле да влијаат на нејзината позиција во банката.
февруари 14, 2026

