Сцена
Опра Винфри и Рајан Рејнолдс доаѓаат во Букурешт во септември
Американската телевизиска водителка Опра Винфри и холивудскиот актер Рајан Рејнолдс ќе присуствуваат на два големи настана во Букурешт оваа есен. Винфри ќе настапи на првиот бизнис-самит „Брeнд мајндс“ (Brand Minds), што ќе се оддржи на 16 и 17 септември во романскиот главен град, како еден од најважните бизнис-собири во Централна и Источна Европа, на кој ќе се појават речиси 5.000 учесници од 50 земји.
„Вториот е планиран за 29 и 30 септември, ‘Импакт Букурешт’ (Impact Bucharest), бизнис-технолошкиот настан на кој Рејнолдс ќе биде главен говорник кој собира лидери и иноватори од бизнисот, технологијата и медиумите и на него ќе учествуваат 2.000 луѓе, вклучително и од Бугарија“, соопштија организаторите.
За време на настапот Винфри ќе зборува за водителството и за инспирирањето на тимот во тешки времиња, теми за кои стана светски позната преку своето ток-шоу, што се емитуваше 25 години и со огромно влијание врз медиумската индустрија. Таа е првата Афроамериканка со сопствена продукциска компанија, добитничка на повеќе Еми-награди и номинирана за „Оскар“ за улогата во филмот „Пурпурна боја“ од режисерот Стивен Спилберг. Во 1996 Винфри го основа читателскиот клуб „Опра“, преку кој имаше огромно влијание врз издавачкиот пазар, и ја создаде „Мрежата на ангели на Опра“ финансирајќи светски добротворни проекти за кои добила многубројни признанија, а нејзиното богатство се проценува на речиси 3 милијарди долари.
Рејнолдс е и продуцент на серијалот „Дедпул“, светски феномен, кој преку хумор и самоиронија го редефинира жанрот на суперхеројски филмови, и инвеститор во компании како „Авиејшн Американ џин“ (Aviation American Gin) и „Минт мобајл“ (Mint Mobile), кои подоцна беа продадени за над милијарда долари.
февруари 5, 2026

