Connect with us

Свет

Трамп го нарече колумбискиот претседател „одличен“ по средбата во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на Колумбија, Густаво Петро, синоќа се сретнаа во Белата куќа за првпат по неколкунеделни меѓусебни обвинувања.

Разговорите беа фокусирани на соработката за борба против трговијата со дрога. На заедничката прес-конференција по состанокот, Трамп изјави дека двајцата се согласуваат „многу добро“ и го опиша Петро како „одличен“. Колумбискиот лидер, сепак, задржа порезервиран тон, пренесе ДПА.

Забелешките на Трамп означија пресврт во неговата неодамнешна реторика. Само неколку недели претходно, републиканскиот претседател го опиша Петро како „болен човек“ кој сака да произведува кокаин и да го продава на Соединетите Американски Држави. Трамп синоќа рече дека неговото претходно непријателство произлегувало од тоа што не го познавал добро Петро, додавајќи дека двете страни сега работат на договор со цел да се намали протокот на илегална дрога во САД.

Говорејќи на прес-конференцијата, Петро рече дека постојат различни ставови за проблемот со трговијата со дрога. Наместо да спроведува тврд воен пристап против криминалните организации, Петро рече дека неговата влада сака да ги убеди земјоделците во Колумбија да одгледуваат легални земјоделски производи како кафе или какао наместо кока, додека истовремено презема решителни дејствија против финансиерите на меѓународната трговија со дрога.

– Тој не го промени својот начин на размислување за многу прашања, а ниту јас, рече Петро за Трамп, додавајќи дека „сојузите честопати се склучуваат меѓу противници кои наоѓаат заеднички јазик“.

Колумбија долго време е еден од најважните партнери на Вашингтон во Јужна Америка, но односите неодамна се заладија. Американската администрација минатата година ја класифицираше Колумбија како земја која не ги исполнува своите меѓународни обврски во борбата против илегалните дроги. САД, исто така, му воведоа санкции на Петро, тврдејќи дека тој не презема доволно одлучни акции против трговијата со дрога.

Петро, од своја страна, постојано укажуваше на големата вклученост на колумбиските безбедносни сили во борбата против трговијата со дрога. Во вторникот, Колумбија екстрадираше клучен трговец со дрога во САД.

Колумбија е најголемиот светски производител на кокаин. Според Обединетите нации, земјата учествува со околу 65 проценти од светската површина за одгледување кока, покривајќи повеќе од 250.000 хектари. Иако безбедноста се подобри по мировниот договор од 2016 година меѓу Колумбија и најголемата герилска група, ФАРК, делови од земјата сè уште се контролирани од илегални групи.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3