Connect with us

Регион

Почнува повторениот судски процес против родителите на детето што уби 10 лица во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград

Во Вишиот суд во Белград денеска се одржува повторно судење на Владимир и Милјана Кецмановиќ, родители на момчето К. К., кој на 3 мај 2023 година уби девет деца, чувар и рани уште пет деца и наставничка во основното училиште „Владислав Рибникар“ во главниот град на Србија.

Првостепената постапка беше затворена за јавноста, но медиумите објавија дека Кецмановиќ негираат вина. Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, во декември, кога беше закажано да почне судењето, изјави дека очекува повторената постапка да биде максимално ефикасна и да се спроведе без одлагање.

Милјана Кецмановиќ пристигна во Вишиот суд во Белград, а Владимир Кецмановиќ ќе биде донесен од притворниот центар, каде што се наоѓа од неговото приведување. Во судот се и членови на семејствата на убиените.

Судењето се повторува бидејќи Апелацискиот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда со која Кецмановиќ беа осудени на повеќегодишни казни и наложи судењето да се повтори.

Владимир Кецмановиќ со првостепена пресуда е осуден на затворска казна од 14 и пол години за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко кривично дело против општата безбедност, а неговата сопруга Милјана Кецмановиќ е осудена на затворска казна од три години за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице. Покрај кривичната постапка против Кецмановиќ, се водат и пет граѓански постапки по барањата на членови на семејствата на убиените и повредените, од кои сите се завршени во прв степен.

Момчето К. К., кое во времето на тоа кривично дело сè уште немало 14 години и затоа не е кривично одговорно, пукаше на 3 мај во училиштето „Владислав Рибникар“ со два пиштола на татка си, кои ги зел на 1 мај 2023 година. Ги ставил во ранецот истиот ден, отишол на училиште и за време на првиот час убил 10 лица и ранил уште пет деца и една наставничка по историја. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 2