Регион
Претседателот на Стопанската комора на Србија: Директната штета од блокадите на товарните премини е околу 100 милиони евра дневно
Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, нагласи дека директната штета од блокадите на премините и извозот од целиот Западен Балкан изнесува околу 100 милиони евра дневно. Тој утрово го посети граничниот премин Батровци, каде што повеќе од 50 камиони го блокираат товарниот сообраќај.
„Срамно е кога станува збор за извоз на стока. Треба да се додаде дека секоја производствена компанија има казни и пенали за неиспорачана стока помеѓу 10.000 и 50.000 евра дневно. Има околу 10.000 компании што извезуваат само од Србија во ЕУ, и поради тоа може да се достигнат навистина големи бројки“, изјави Чадеж, пренесоа српските медиуми.
Тој додаде дека сегашната криза со снабдување е предизвикана од нефлексибилноста на европската бирократија.
Чадеж рече дека повеќе од две години, бизнисмени од целиот Западен Балкан, од Србија, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се обединија за да и посочат на Европа дека ова е голем проблем, како и дека компаниите од ЕУ кои произведуваат во Западен Балкан укажуваат на тоа, но дека нема решенија.
„Сега имаме парадоксална ситуација во која Европа и европските компании самите се кочат или се блокираат“, рече Чадеж.
Тој додаде дека компаниите се многу загрижен за моменталната криза и затоа дошол со претседателот на Германско-српската комора, Филип Симовиќ.
„Во текот на овие две години немавме никакво решение. Само во Германија беа приведени девет возачи. Европските правила важат и за возачите, како и за емигрантите во обидот, а тоа практично води до застој на целата европска економија, не зборуваме само за Западен Балкан“, рече Чадеж.
Претседателот на Здружението на превозници на Србија, Неѓо Мандиќ, синоќа изјави дека превозниците ќе ја прошират блокадата на уште два гранични премини на истокот од државата, откако некои руски превозници се обидоа да ги заобиколат постојните блокади користејќи премини што претходно не се користеа.
Станува збор за алтернативни гранични премини со Бугарија – Мокрање, во близина на Неготин, и Рибарци, во близина на Босилеград.
Српската стопанска комора вчера соопшти дека интензивно работи на итно решавање на проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната во соработка со коморите од регионот на Западен Балкан.
јануари 27, 2026

