Connect with us

Регион

Хрватскиот министер за финансии Приморац заминува од Владата, ќе стане потпретседател на ЕИБ

Потпретседателот на хрватската Влада и министер за финансии Марко Приморац заминува од Владата на премиерот Андреј Пленковиќ и ќе ја преземе функцијата потпретседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ), објави хрватскиот портал „Индекс“, повикувајќи се на неофицијални информации.

Според истите извори, Приморац ќе остане на функцијата министер за финансии уште краток период, а се очекува ова прашање наскоро да се најде и на дневен ред на седница на Владата.

Во моментов, како што се наведува, сè уште не е познато кој би можел да го наследи Приморац на функцијата министер за финансии, а за тоа прашање допрва ќе се разговара во врвот на власта.

Доколку постапката се спроведе според планираното, Хрватска по првпат од влезот во Европската Унија ќе има свој потпретседател во Европската инвестициска банка.

ЕИБ има осум потпретседатели, а според договорот во рамки на средноевропскиот кластер на земји, каде припаѓаат Хрватска, Унгарија и Полска, оваа позиција овојпат ѝ припаднала на Хрватска.

Според достапните информации, Приморац изразил интерес токму тој да биде хрватски кандидат за функцијата, што премиерот Андреј Пленковиќ го прифатил.

Процедурата предвидува Владата да покрене иницијатива со упатување на кандидатурата до надлежните собраниски одбори, по што следува сослушување. Доколку одборите дадат позитивно мислење, кандидатурата повторно се враќа во Владата, која кон крајот на јануари или почетокот на февруари официјално ја доставува во понатамошна постапка до Европската инвестициска банка.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3