Сцена
Емисијата на Меган Маркл доживеа крај по само две сезони
Нетфликс“ одлучи дека готварската лајфстајл-емисија на Меган Маркл, со наслов „Со љубов, Меган“ (With Love, Meghan), нема да има трета сезона.
Имено, шоуто што сопругата на британскиот принц Хари интензивно го промовира како нејзино големо враќање на малите екрани нема да добие продолжение.
И покрај критиките, Меган претходно тврдеше дека публиката ја сака емисијата и оти негативните коментари се само обид на критичарите „да си ги платат сметките“. Можеби еден од најзапамтените мигови од серијата беше оној во кој водителката ја поправи актерката Минди Калинг за презимето Маркл нагласувајќи дека сега поранешната американска глумица го носи презимето Сасекс, што предизвика и многубројни реакции на социјалните мрежи.
Над шест години Меган и Хари се обидуваат да го пронајдат својот пат надвор од кралското семејство.
И додека „Со љубов, Меган“ полека заминува во историјата, се чини дека Меган Маркл не се откажува од своите амбиции за животен стил. Таа, се чини, само ќе ги промени стратегијата и форматот оставајќи го засега отворено прашањето дали ќе може да изгради бренд што ќе ги надмине контроверзиите што ја следат. Имено, според непотврдени наводи, Маркл одлучила дека снимањето на емисијата бара премногу работа и сега ќе се сосредоточи на развојот на својот бренд за животен стил As Ever („Како и секогаш“), кој вклучува производи како мед, чаеви и вино. Наместо телевизиски формат, таа планира да споделува слична содржина – готвење, креативни идеи и совети за животен стил – на социјалните мрежи, во пократок и поедноставен облик.
Емисијата „Со љубов, Меган“ почна минатата пролет со амбиција да ја етаблира Меган како нова икона на животниот стил, покрај имињата како Марта Стјуарт и Гвинет Палтроу, но од самиот почеток се соочи со бран критики и исмејувања за она што многумина го сметаа за банални и аматерски совети. Рејтинзите исто така не ги исполнија очекувањата – втората сезона не успеа да се пробие на американскиот „Нетфликс топ-10“, а според официјалните податоци, серијата заврши само на 383. место на светско ниво во првата половина од 2025 година.
јануари 22, 2026


