Свет
Министерството за внатрешна безбедност на САД ќе испрати стотици полицајци во Минесота
Министерството за внатрешна безбедност на САД испраќа стотици полицајци во Минесота еден ден откако десетици илјади луѓе маршираа низ Минеаполис во знак на протест поради убиството на жена од страна на агент за имиграција, изјави денеска министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноам.
Засилувањата ќе бидат распоредени денеска и утре за да се зајакне безбедноста на агентите за имиграција и царина (ICE) и граничната патрола кои веќе се во Минесота, изјави Ноам за Фокс њуз. Околу 2.000 федерални полицајци веќе се распоредени во областа Минеаполис-Сент Пол во она што одделот го нарече најголемата операција во својата историја.
Овој викенд беа планирани повеќе од 1.000 собири низ целата земја во знак на протест против напорите на федералната влада за депортирање на нелегални имигранти и убиството на 37-годишната Рене Гуд во средата.
Властите во Минесота го нарекоа пукањето неоправдано, повикувајќи се на видео од очевидци за кое велат дека го покажува автомобилот на Гуд како се оддалечува од агентот додека тој пука.
Ноам и други американски функционери тврдат дека агентот дејствувал во самоодбрана бидејќи Гуд, волонтер во организација која ги следи и документира операциите на ICE во Минеаполис, се упатила кон агентот, кој потоа ја застрелал откако друг агент се приближил до вратата од страната на возачот и ѝ рекол да излезе од автомобилот.
Во друго појавување денеска, на Си-Ен-Ен, Ноам рече дека други видеа ја прикажуваат Гуд како протестира против агентите на ICE на други локации порано во средата наутро, но не прецизираше дали или кога тие ќе бидат објавени јавно.
јануари 12, 2026


