Општини
Првото бебе во Куманово е машко
Првото бебе родено во Куманово во 2026 година е машко. Мајката Егзона Реџепи (31) и новороденчето се во добра здравствена состојба. Станува збор за второ дете во семејството Реџепи, родено со спонтано породување и со родилна тежина од 3.300 грама.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, и менаџерскиот тим на Општата болница Куманово денеска ја посетија мајката и однесоа пригодни подароци.
– Посакувам пред сè здравје и среќа на новороденчето, на мајката и на целото семејство. Очекувам 2026 година да биде бериќетна, плодна и исполнета со детски џагор, позитивна мисла и насмевки. Сакам да им се заблагодарам на дежурните лекари и на целиот медицинско-технички персонал за нивниот професионализам, како и на менаџерскиот тим на Општата болница Куманово, кој континуирано ги подобрува условите за работа, изјави Димитриевски.
Тој додаде дека посакува што помалку пациенти на другите болнички одделенија, а многу повеќе на Гинеколошко-акушерското одделение.
Гинекологот Наиле Османи информираше дека ова е првото бебе родено во Куманово во новата година. На 31 декември биле родени две бебиња, а денеска се очекуваат уште две.
– Се намалува бројот на новороденчиња, но тоа не е проблем само на Куманово. Тоа е тренд во цела Македонија, па и во регионот и на Балканот. Минатата година во Куманово беа родени вкупно 376 бебиња, при што во 99 проценти од случаите и мајките и новороденчињата беа во добра здравствена состојба, изјави Османи.
Неонатологот д-р Александра Христова појасни дека кај новороденчето е забележан умерен респираторен дистрес и му е пружена соодветна здравствена нега.
– Новороденчето беше породено со умерена дишна потешкотија, но по воведување соодветна терапија состојбата е стабилизирана. Педијатрискиот тим продолжува со 24-часовен надзор и очекуваме во најкраток рок бебето да биде испратено дома во добра здравствена состојба, истакна Христова.
Таа нагласи дека вакви интервенции се стандардна пракса и дел од секојдневната неонатолошка грижа, со цел престојот во родилиштето да биде што пократок и побезбеден.
Директорот на Општата болница Куманово, Сашо Стошевски, најави конкретни чекори за подобрување на условите на Гинеколошко-акушерското одделение.
– Распишан е конкурс, еден млад лекар веќе е вработен, а дадени се и нови специјализации. Очекуваме во наредната година до година и пол состојбата со анестезиолозите значително да се стабилизира, изјави Стошевски.
Тој додаде дека годинава е планирано реновирање на одделението и формирање апартмани за родилки и новороденчиња, со цел пациентите да се чувствуваат поудобно.
Минатата година во кумановската болница биле регистрирани 688 раѓања, што е намалување во споредба со 730 раѓања во 2023 година. Општата болница Куманово е единственото родилиште за Североисточниот регион.
јануари 3, 2026


