Општини
Kадровски промени во образовните институции во Дебар
Во општина Дебар почнаа кадровските промени во образовните институции кои, според градоначалникот Фисник Меља, треба да завршат следната недела.
Нов директор на гимназијата „28 Ноември“ е Аргетим Трепча, долгогодишен професор по математика во оваа образовна институција. Тој доаѓа на местото на Рамадан Имери. Претходно нов дирекор доби Општинското основно училиште „Ристе Ристевски“ во Долно Косоврасти – Арменд Незири, на местото на Шанија Ајроски, кој заминува во пензија.
-Смената на директорите ќе продолжи. Во понеделник тоа ќе биде во ООУ „Пенестија“, најголемата деветолетка во поширокиот регион, а потоа и во ООУ „Саит Најдени“. Сакаме да донесеме нова енергија, доволно беше еден директор да биде на таа функција 10 до 15 години, иако постигнувал позитивни резултати, рече Меља.
Негов став е дека на младите, образовани и способни кадри, треба да им се даде можност да се докажат во работата.
Пример за тоа е претходно назначениот директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард“, Нертил Османи кој, посочи градоначалникот, презеде иницијатва и комуналците го светнаа градот, отстранувајќи ги депониите кои го нагрдуваа особено централното градско подрачје.
Промени ќе има и во општинската администрација, како дел од процесот на консолидација на локалната самоуправа, која „мора да биде во служба на граѓаните во вистинска смисла на зборот“.
јануари 3, 2026


