Регион
Новата година во Албанија дочекана со огномети на плоштадите, првите бебиња женски; три момчиња загинаа во сообраќајка
Со огномети на плоштадите беше дочекана Новата 2026 година, во сите градови во Албанија, кои во вистински новогодишен сјај, светнаа уште на почетокот на декември.
Плоштадите беа преполни со граѓани, но, посебно масовно беше во главниот град Тирана, каде освен локални жители и иселеници присуствуваа и илјадници туристи, кои одлучиле новогодишните празници да ги минат тука. Сепак поголемиот дел од семејствата новогодишната ноќ ја минаа во домашна атмосфера.
Првите бебиња на свет дојдоа во првата минута од новата година.
Како што објави премиерот Еди Рама на својата страна на Фејсбук новороденчињата се женски, едното во гинеколошко-акушерската клиника „Кралица Гералдина“, додека другото во клиниката „Кочо Гложени“ и двете во Тирана.
Според полицискиот извештај во земјата од пиротехнички средства повредени се 20 лица, од нив 16 во Тирана.
Албанската јавност во првиот ден од новата година ја вознемири тешката сообраќајна несреќа што се случи на патот Ѓирокастро-Тепелена, во 3 часот, во која животот го загубија три момчиња на 19, 24 и 27-годишна возраст.
Полицијата упати апел до учесниците во сообраќајот да бидат многу внимателни поради голомразица на коловозите, условена од ниските температури кои утрото беа 16 степени под нулата.
јануари 2, 2026


