Општини
Усвоен Буџетот на Општина Охрид за 2026 година вреден 2,4 милијарди денари
Советот на Општина Охрид на денешната седница го изгласа Буџетот на Општина Охрид за 2026 година, кој градоначалникот Кирил Пецаков го посочи како развоен и е резултат на домаќинското работење на актуелната локална власт.
Според буџетот, вкупните приходи на Општина Охрид предвидени за 2026 година по сите основи изнесуваат 2.37 милијарди денари, од кои за капитални расходи се предвидени 25.354.000 денари.
За поддршка на локалниот економски развој предвидени се 9,3 милиони денари, а за поттикнување на развојот на туризмот 18,4 милиони денари. За ставката одржување и користење на паркови и зеленило се предвидени 12,1 милион денари.
„Како и со претходните буџети, така и во овој акцент се става на подобрувањето на патната инфраструктура, па затоа предвидовме реконструкција на локален пат од камп Љубаништа до стационажа, улица „Петрино“ до пресек со „Караорман“ , патот кој го поврзува село Велгошти со село Лескоец, реконструкција на ул. „Даме Груев“ од кружна раскрсница „Јане Сандански“ со ул. „Питу Гули“ до пресек со булеват „Туристичка“, реконструкција на дел од „7-ми Ноември“, реконструкција на улица „Кленоец“ и дел од улицата „Петрино“. Исто така предвидено е реконструкција на улици во населба „Бараки“, локалениот пат за село Завој, реконструкција на дел од ул. „Партизанска“, изградба на фекална и атмосферска канализациона мрежа за дел од ул. „Малесија“, „Александар Гушо“, „Т. Дојчиноски“, „Први Мај“, „Ванчо Николоски“, „Дебарца“ и „Момчило Јорданоски“ и нивна реконструкција. Реконструкција е предвидена на други улици и патишта“, посочи Пецаков.
Градоначалникот уште истакна дека предвидени се и средства за проект за мониторинг и управување „СКАДА’ систем за водоснабдителен систем на град Охрид и изработка на ГИС систем.
„Со овој буџет опфатена и е поддршката во образованието, стипендии, поддршка за спортот, како и за спортските и културните манифестации“, нагласи тој.
декември 28, 2025


