Вести
Јаневска: Во образованието годинава постигнавме придвижување од кое засега имаме мали, бавни, но сигурни ефекти
Очекувам тие што го даваат легитимитетот на Владата да кажат дали се задоволни и, првенствено, наставниците, родителите, учениците и експертската јавност, од она што го правеше Министерството за образование и наука – изјави министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање како е задоволна од 2025 во образованието.
Посочи дека лично е задоволна од тоа што со нејзиниот тим успеала да придвижи процеси што биле во застој од кои, рече, засега има „мали, бавни, но сигурни ефекти“ и очекува тие да станат во иднина повидливи.
-Но, ако мене ме прашате лично како министер, мислам дека заедно со мојот тим сработивме многу и успеавме да придвижиме нешто што долги години стоело во место. Тоа придвижување засега дава мали, бавни, но сигурни ефекти и очекувам во идните години да се забрза и ефектот да стане повидлив – рече за медиумите Јаневска која денеска учествуваше на конференција посветена на формалното образование за ученици на подолго болничко лекување.
декември 26, 2025


