Connect with us

Вести

Анита Тополова – Исајловска избрана за в.д. државен јавен обвинител

Анита Тополова-Мисајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на Република Македонија. Одлуката беше донесена едногласно на денешната седница на Советот на јавни обвинители. Тополова-Мисајловска доаѓа на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.

Изборот на в.д. државен јавен обвинител првично беше закажан за 19 декември, но беше одложен поради отсуство на членот на Советот, Јелена Догазанска-Колева, со цел одлуката за ова прашање да биде донесена во полн состав.

Членот на Советот, Кети Петкова, образложувајќи го предлогот за избор на Тополова-Мисајловска истакна дека станува збор за професионално и принципиелно решение, бидејќи, како што рече, таа во континуитет ја извршувала функцијата заменик републички јавен обвинител. Тополова Мисајловска била заменик на Љупчо Коцевски, неговиот претходник Љубомир Јовески, како и тој пред него, Марко Зврлевски.

– Во континуитет 10 години беше заменик, ја познава оваа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја обавува должноста, не само затоа што го познава целото обвинителство, туку затоа што тоа е принципиелно решение – рече Петкова.

Како што беше посочено на седницата, Тополова-Мисајловска ќе ја извршува функцијата до именувањето на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Вршителот на должноста се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство. На седницата беше посочено и дека согласно со закон, Советот е должен да обезбеди континуитет на работата на републичкиот јавен обвинител, во ситуации кога е констатирана оставка на носител на функцијата или истекување на мандатот.

Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференцијата на која ја соопшти својата оставка, истакна дека функцијата ја вршел чесно и достоинствено, нагласувајќи дека поднесува оставка поради „очигледното непочитување на принципте врз кои почива правната држава“.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започнува со оглас што го распишува Собранието, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавни обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1