Connect with us

Вести

Филков: Во 2026 година ќе се фокусираме на пополнување на критичните кадровски позиции во судството и обвинителството

Надзорот спроведен од Министерството за правда покажа алармантни податоци: пополнетост на судиски места од 67 проценти (432 од 636) и судска служба со само 36 проценти пополнетост, што директно влијае врз ефикасноста и должината на судските постапки, соопштил министерот за правда Игор Филков на 9-от состанок на Секторската работна група за правда, нагласувајќи дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и функционално правосудство.

-Токму овие констатации се основа за преземање конкретни и координирани мерки, со кои во 2026 година ќе се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот, нагласил Филков на состанокот на кој присуствувале претставници на Делегацијата на Европската Унија, на амбасадите во земјава,судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ,  меѓународни и домашни организации и донаторската заедница, 

Како што соопшти Министерството за правда, Филков посочил дека иако се предвидуваат суштински промени во делот на прописите, најважен останува човечкиот фактор.

-Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите, рекол во своето обраќање министерот за правда.

Паралелно, се додава во соопштението, Министерството за правда во изминатиот период подготви над 20 закони, во транспарентен и инклузивен процес:  13 закони се веќе во владина процедура, Законот за Судскиот совет е во Собрание и го помина првото читање.

-Продолжува спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и Реформската агенда 2024–2027, за кои е формиран Совет за следење на реформите. Процесот е поддржан од Европската Унија, што претставува јасен сигнал за доверба и напредок кон членство во ЕУ, се наведува во соопштението на Министерството за правда. 

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 4