Регион
Додик: Да сакавме да господарите со нас, немаше толку пати да се ослободуваме
Лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и поранешен претседател на Република Српска Милорад Додик, утрово се огласи на социјалната мрежа Икс, наведувајќи дека само еднаш имало истовар во Нормандија и само еднаш бил „Ден Д“.
„Нам, одвреме-навреме се обидуваат да ни подметнат некој непостоечки ‘Ден Д’ на европскиот пат на БиХ. Сега тоа се Законот за суд и Законот за ВСТС (Висок судски и обвинителски совет). Прво кажете ни по кои закони тој суд и судии ќе судат, а обвинителите ќе обвинуваат? Една земја, а две законодавни тела не бива“, напиша Додик.
„Ако ќе судат по законите што ги наметнува странец, тогаш зошто барате од нас да го усвоиме? Ако ќе судат по законите што ги носи единственото можно тело, Парламентарното собрание, тогаш расчистете го нередот што е направен со наметнување и можеме да разговараме“, посочи Додик.
Тој прашува зошто прво не се донесат измени на Кривичниот законик со кои ќе се поништат сите досегашни наметнувања.
„Нѐ сакате во Европа, дајте ни европски стандарди. Владеењето на правото не е кога поединец наметнува закон“, наведува Додик.
„И третирајте нѐ како партнери, а не поданици кои наводно би нѐ примиле, но без право на глас и право на одлучување. Да сакавме да господарите со нас, немаше толку пати да се ослободуваме“, заклучи Додик.
декември 8, 2025


