Connect with us

Свет

Европратениците повикуваат на изградба на „силен европски столб“ во рамките на НАТО

Потребно е изградба на европска безбедносна архитектура што ќе ја зајакне трансатлантската врска во согласност со стратешките интереси на ЕУ и ќе ја подобри соработката со НАТО, но земјите членки мора да бидат подготвени и да дејствуваат автономно во сферата на одбраната врз основа на клаузулата за заемна помош на Унија, се наведува во Извештај усвоен денеска од страна на Комитетот за безбедност и одбрана на Европскиот парламент.

Во Извештајот, усвоен со 23 гласа „за“, девет „против“ и тројца „воздржани“, се нагласува потребата од поттикнување на соработката меѓу ЕУ и САД, но дека во исто време европските сојузници треба да работат на изградба на силен европски столб во рамките на НАТО.

– Изградбата на таков столб треба да оди паралелно со операционализирање на членот 42 став 7 од Договорот за ЕУ за да се обезбедат синергии и комплементарност. Потребно е обезбедување кохерентност помеѓу овој член и еквивалентните на НАТО, со цел клаузулата за заемна одбрана на ЕУ да може да обезбеди кредибилен слој на европска безбедност и одбрана, истовремено обезбедувајќи целосна кохерентност со НАТО и надополнувајќи ги националните напори, се вели во документот.

Во Извештајот се изразува длабока загриженост поради „руските агресии кои го еродираа безбедносниот поредок на Европа и го разоткрија неуспехот на поврзаните институционални и политички процеси“.

– Само соработката меѓу сите земји, врз основа на заеднички договорени правила, може да ја заштити ЕУ од војна и да обезбеди заедничка безбедност, се вели во документот.

Иако го изразуваат своето разочарување од актуелната „двосмисленост на одбранбениот и безбедносниот однос меѓу ЕУ и САД“, европратениците признаваат дека САД остануваат најважниот стратешки сојузник на Унијата и се од суштинско значење за колективната одбрана на НАТО и европската безбедност.

Европратениците го поздравуваат значителното зголемување на трошоците за одбрана од страна на земјите од ЕУ и повикуваат на заеднички европски напори за да се избегне континуирана фрагментација на пазарот. Во документот се истакнува потребата земјите од ЕУ да ги усогласат со своите воени доктрини, да ги надополнат потрошените резерви, да го зголемат индустриското одбранбено производство, да ја подобрат интероперабилноста со намалување на паралелните системи за оружје, да промовираат стандардизација во согласност со стандардите на НАТО и драстично да ги зголемат вложувањата во иновации.

– Русија претставува примарна и најзначајна закана за Европската Унија и нејзините земји-членки, вклучително и со помош на нејзините сојузници Белорусија, Иран и Северна Кореја, се вели во извештајот.

Европратениците, воедно, ја повторуваат својата целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи дека успехот на Киев е најефикасната и најекономична инвестиција во европската безбедност на краток и среден рок.

Текстот, исто така, повикува на повеќе напори за поддршка на Украина и нејзината одбранбена индустрија и на користење на украинското искуство во асиметричното и хибридно војување, вклучително и во справувањето со дроновите, балистичките ракети, електронското војување и противвоздушната одбрана.

Извештајот ќе биде доставен за усвојување од страна на Европскиот парламент, што се очекува да се одржи за време на пленарната сесија во јануари 2026 година. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4