Connect with us

Свет

Мадуро одобри продолжување на американските депортациски летови за Венецуела

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го одобри барањето од Вашингтон за продолжување на прифаќањето на летови за депортација од САД, изјави вчера венецуелскиот министер за транспорт Рамон Целестино Веласкез, јави ДПА.

Овој потег доаѓа во услови на драматично зголемување на тензиите меѓу двете земји.

Во текот на викендот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воздушниот простор на Венецуела треба да се смета за затворен. Каракас одговори велејќи дека Вашингтон еднострано одлучил да ги запре натамошните летови за депортација на мигранти.

Во последните недели американскиот претседател ја заостри својата реторика и постапки кон јужноамериканската земја.

САД го распоредија носачот на авиони USS Gerald R Ford и дополнителни воени бродови во Карибите, велејќи дека мисијата има за цел борба против трговијата со дрога, потсетува ДПА.

Набљудувачите шпекулираат дека Вашингтон можеби подготвува напади врз цели во Венецуела или се обидува да наметне промена на владата во Каракас.

Неколку меѓународни авиокомпании ги прекинаа услугите до Венецуела откако Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) предупреди на зголемена воена активност и зголемени безбедносни ризици.

Според венецуелските власти, од март досега со 75 лета се вратени околу 14.000 мигранти, дури и кога тензиите со Вашингтон ескалираа. Најновиот лет, од американската држава Аризона, слета во петокот со 136 вратени, објавија локалните медиуми, пренесени од ДПА.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1