Connect with us

Свет

Извештај на АФЕТ за надворешната политика на ЕУ: Проширувањето е геостратешка инвестиција во безбедноста и стабилноста

Руската агресија врз Украина сериозно го дестабилизира источното соседство на ЕУ, предизвикувајќи ефекти на прелевање во Западниот Балкан, кои се закануваат да ги забават реформите и да поттикнат антиевропски наративи, па затоа проширувањето на ЕУ претставува геостратешка инвестиција во регионалната безбедност и стабилност.

Ова се наведува во Извештајот за заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за 2025 година, што денеска го усвои Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) со 42 гласа „за“ и 14 „против“.

– Од Украина до Кавказ, од Блискиот Исток до Сахел, Арктикот и пошироко, околу Европа се формира лак на нестабилност, што е пример за радикалната неизвесност во која функционира ЕУ. Конкуренцијата и протекционизмот ја заменуваат соработката и слободната трговија, а инвестициите, информациите и миграциските текови сè повеќе се инструментализираат. За да остане релевантна на меѓународната сцена, ЕУ не може да си дозволи да се сврти кон себе и мора да остане отворена и ангажирана, се наведува во Извештајот.

Во документот се повикуваат земјите членки на „поголема и потранспарентна употреба на конструктивната воздржаност“ при одлучувањето во согласност со член 31 став 1 од Договорот за Европската Унија, во случаи кога „не можат да поддржат одлука, но не сакаат да го блокираат колективното дејствување на ЕУ“.

– Ваквиот пристап ја зајакнува способноста на ЕУ брзо и кохерентно да реагира на меѓународни кризи, почитувајќи го националниот суверенитет, а исто така покажува и дека е можна поголема ефикасност во заедничката надворешна и безбедносна политика и без промена на Договорот, посочуваат членовите на АФЕТ.

Во извештајот се изразува поддршка за „дипломатско решение за војната во Украина“, но се предупредуваат дека секој договор наметнат од страна на Русија или со кој ќе биде „наградена“ нејзината агресија, би ја поткопало европската безбедност. Европратениците ги повикуваат земјите членки на ЕУ да продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје и муниција, особено со системи за противвоздушна одбрана и со капацитети со голем дострел.

Комитетот предупредува дека „минилатералните“ формати сè повеќе ризикуваат да ги фрагментираат глобалните норми, па оттаму за решавање на конфликтите и за глобалното управување клучна улога мора да имаат мултилатералните организации, особено Обединетите нации. За зајакнување на улогата, ефикасноста и демократската застапеност на ОН, во извештајот се повикува и на сеопфатни реформи на Организацијата.

– Глобалната видливост и политичкото влијание на ЕУ честопати не се во согласност со нејзиниот економски, финансиски и дипломатски отпечаток. Оваа недоволна видливост понекогаш е резултат на недостигот на јасност во надворешното претставување на ЕУ, наведуваат европратениците, нагласувајќи ја потребата од јасно дефинирање на надлежностите на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, претседателката на Еврокомисијата и претседателот на Европскиот совет во однос на надворешните активности на ЕУ.

По повод усвојувањето на Извештајот, претседателот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер изјави документот, усвоен со „големо мнозинство“, утврдува јасна и стратешка ориентација за надворешната политика на ЕУ во време на сè поголема нестабилност.

– Се соочуваме со растечки авторитарен притисок, ослабен мултилатерален систем и растечка глобална конкуренција. Европската Унија мора да одговори со поголемо единство, отпорност и капацитет за дејствување. Централен приоритет останува одбраната на меѓународниот поредок базиран на правила, вклучувајќи ја нашата непоколеблива поддршка за Украина и цврстиот став против секој обид за поткопување на суверенитетот, територијалниот интегритет или меѓународното право. Од витално значење останува кохерентниот европски пристап кон другите тековни кризи, вклучително и на Блискиот Исток, бидејќи само кредибилна дипломатија и одржлив ангажман можат да обезбедат трајна стабилност, смета Мекалистер.

Според него, пошироката стратешка задача на ЕУ е да ги зајакне своите глобални партнерства, да ја подобри способноста за одвраќање на заканите и да обезбеди проширувањето, соседската политика и соработката со истомислечките демократии да служат на европската долгорочна безбедност.

– Во исто време, ЕУ мора да ја зголеми својата видливост, да го засили своето надворешно претставување и да обезбеди дека нејзините инструменти, од санкциите, па до стратешка комуникација и „Глобалната порта“, се користат ефикасно и доследно, додава Мекалистер во изјавата.

Извештајот ќе биде ставен на усвојување од страна на Европарламентот за време на неговата пленарна сесија во јануари 2026 година.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2