Connect with us

Свет

Канада се приклучува кон инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ)

Европската Унија и Канада синоќа постигнаа договор за учество на Отава во инструментот на ЕУ за инвестиции во одбраната Безбедносна акција за Европа (САФЕ), вреден 150 милијарди евра.

Постигнувањето на договорот со заедничка изјава го поздравија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и канадскиот премиер Марк Керни, кои оценија дека тој се темели на заедничката посветеност на одбранбена соработка, како што е утврдено со Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Канада и ЕУ, склучено во јуни годинава.

– Во овие турбулентни геополитички времиња, договорот е средство за зголемување на соработката, исполнување на одбранбените цели и подобро трошење, додека се справуваме со краткорочните итни и долгорочните потреби. Денес оваа посветеност оди чекор понатаму како партнери, сојузници и пријатели, се наведува во изјавата.

Фон дер Лајен и Керни додаваат дека договорот е и симбол на продлабочена соработка и на заедничките приоритети на Европската Унија и Канада за создавање отпорни синџири на снабдување во одбранбените индустрии во клучно време за глобалната безбедност.

– Со зајакнување на нашите индустриски бази, ќе создадеме повеќе работни места, поголем раст и повеќе можности, кои се клучни за нашата одбранбена подготвеност, се додава во изјавата.

Во неа се потенцира и дека инструментот САФЕ ќе обезбеди значајна поддршка за Украина и ќе ја зголеми отпорноста на украинската одбранбена индустрија.

– Стоиме покрај Украина од почетокот на бруталната руска воена агресија и продолжуваме да стоиме покрај неа, додека работиме за постигнување праведен и траен мир за Украина, се заклучува во изјавата.

Целта на инструментот САФЕ е зајакнување на европската одбранбена индустриска база преку заеднички набавки на опрема и муниција од страна на земјите членки на ЕУ и на ЕФТА, Украина и државите со кои Унијата има склучено договори за партнерство во безбедноста и одбраната – Северна Македонија, Албанија, Велика Британија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Молдавија. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3