Свет
Американскиот сенатор Шумер вели дека биле испратени закани со бомба до три негови канцеларии
Неколку канцеларии на лидерот на малцинството во Сенатот на САД, Чак Шумер, примиле закани со бомба, изјави демократот вчера откако беше информиран од истражителите во сојузната држава Њујорк.
Властите го известиле за заканите испратени до канцелариите во Рочестер, Бингамтон и Лонг Ајленд, објави Шумер на X.
Електронските пораки содржеле „MAGA“ во насловот, алудирајќи на движењето на американскиот претседател Доналд Трамп „Make America Great Again“ (Да ја направиме Америка повторно голема). Во нив, исто така, стоело тврдењето на Трамп дека изборите во 2020 година, на кои победи демократот Џо Бајден, биле „наместени“.
Шумер, истакнат критичар на Трамп, им се заблагодари на органите за спроведување на законот за обезбедување на канцелариите и рече дека никој не е повреден.
Трамп, кому Шумер често му е цел, ги обнови своите напади минатата недела за време на традиционалната церемонија за помилување мисирки по повод Денот на благодарноста, потсетува ДПА.
Шегувајќи се за двете птици, Трамп рече дека првично размислувал да ги именува Чак и Ненси, алудирајќи на демократите Чак Шумер и поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, но потоа додаде: „Никогаш не би ги помилувал тие двајца луѓе“.
декември 3, 2025


