Вести
Лука Поповски назначен за советник во кабинетот на министерот Ристовски
Министерот за спорт Борко Ристовски го именува професор д-р Лука Поповски за советник во својот кабинет.
– Со долгогодишно искуство во образованието, спортските политики и развојот на младите, проф. д-р Поповски ќе придонесе во креирањето и спроведувањето на стратешките приоритети на Министерството. Како советник, проф. д-р Поповски ќе биде директно вклучен во креирањето на политики, развој на програми и следење на реформските процеси во националниот спортски систем. Со именувањето на проф. д-р Лука Поповски, Министерството за спорт добива засилување кое ќе придонесе за поефикасни политики, стратешко планирање и унапредување на спортот на национално ниво, информира Министерството за спорт.
Професор д-р Лука Поповски работи како вонреден професор на Катедрата по општествени науки (Педагогија на ФЗО и спорт, Педагошки предизвици во образование и спортот, Олимпизам) на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во својата долгогодишна кариера во областа на спортот, проф. д-р Поповски, како што се наведува, има значајно професионално искуство стекнато во Општина Ѓорче Петров, каде работеше како советник за спорт во Секторот за нормативни работи и Одделението за јавни дејности. Во рамки на својата функција, тој ја следел и анализирал состојбата во областа на образованието и предлагал мерки за подобрување, ги следел законските прописи од областа на локалната самоуправа, образованието и спортот и се грижел за нивна примена, ги следел меѓународните искуства во областа на образованието, младите и спортот и предлагал иницијативи за нивна имплементација, учествувал во проектни тимови за реализација на проекти за образование, млади и спорт.
Проф. д-р Лука Поповски подготвувал проекти од областа на спортот, предлог-одлуки, програми и други прописи, учествувал во подготовка на програми за организирање спортски настани и иницирал нови идеи за развој и промоција на спортот. Во рамки на Одделението за работа на градоначалникот, активно учествувал во оценка и давање мислење за спортски проекти од значење за локалната заедница.
Лука Поповски е дипломиран професор по физичко образование и дипломиран тренер по спорт на Факултетот за физичко образование и спорт на УКИМ. Во 2009 година ја стекнал титулата магистер по кинезиологија на Катедрата за теоретски и методски истражувања на ФФОС со одбрана на магистерскиот труд на тема: „Валоризација на спортско-рекреативни активности на планината Водно како природен и туристички потенцијал “. Во 2014 година напредувал во доктор на науки по кинезиологија, со докторска дисертација на тема: „Влијанието на социо-демографски карактеристики врз формирањето на ставот и мотивите кон физичка активност кај учениците од 11 до 14-годишна возраст“, а во 2024 година се здобил и со звање доктор на науки од полето образование – педагогија со одбрана на докторскиот труд на тема: „Дидактичко-методски модели во физичкото и здравствено образование во првиот воспитно-образовен период“.
Тој е автор и на повеќе научно-истражувачки трудови од областите кинезиологија, спортско образование и педагогија.
декември 3, 2025

