Connect with us

Вести

Граѓани во Струга протестираа за поддршка на Мухамед Асани, докторот кој ја пораѓаше Веапоска и доби 3 години затвор

Со пароли „Струга гласно бара правда“, „Лекарот спасува живот, а неправдата го уништува“, „Струга не молчи“, „Не ги осудувајте рацете што спасуваат животи“…, лекари и медицински персонал од струшката болница придружувани од граѓани денеска одржаа мирен протестен марш за поддршка на гинекологот Мухамед Асани на кој му беше изречена три години затворска казна и пет години забрана за вршење дејност за отстранување на три органи на пациентка од Дебар по породување со царски рез.  

Маршот почна пред Општата Болница и продолжи до Основниот суд во Струга.

Собирот, како што истакна д-р Илиријана Наџа, е поради неправдата која му е нанесена на докторот, барајќи правда и чесен третман за сите кои секојдневно работар одговорно и со жртва.

– Денес сме собрани овде не поради политика, не поради поделби, туку поради една длабоко човечна и основна кауза, право и достоинство. Овде сме затоа што една неправда кога ќе го погоди еден човек го погодува целиот наш професионален интегритет, а на крајот ја погодува и цела заедница. Денес е тој, утре може да биде секој од нас. Бараме правда и чесен третман за оние кои секојдневно ни служат со одговорност и жртва. Овде сме да кажеме јасно дека нема да дозволиме достоинството на нашиот професионален повик да биде згазена од неправдата, рече Наџа.

Доктор Едмонд Вејсели во името на здравствеите работници изрази загриженост за случајот, во кој како што нагласи, имало јасни и независни насоки од две комисии, едната формирана од Лекарска комора, а другата од Министерство за здравство, дека не е направена медицинска грешка и оти нема професионална одговорност, а одлуките кои ги игнорирале овие експертизи создавале опасен преседан за иднината на професијата. 

Судот во Струга пред скоро две недели, му пресуди три години ефективна затворска казина, максимална предвидена за тоа дело и пет години забрана за вршење професија, дејност или должност за гинекологот Мухамед Асани за случајот со родилката од Дебар Јилдиз Веапоска на која по породувањето со царски рез во Болницата во Струга и биле отстранети матка, јајник и бубрег. Пропустите кои повлекуваат одговорност, според судот, се посочуваат во постоперативното следење, односно дека и покрај влошената здравствена состојба на родилката, после царскиот рез, докторот не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно и биле извадени три здрави органи. 

Во случајот беа обвинети и синот на сега осудениот, доктор Блертон Асани, кој тогаш бил специјализант по гинекологија и лекарката Лилјана Јованоска, кои добија ослободителни пресуди.

Судскиот процес траеше околу три години и три пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3