Connect with us

Вести

Јаневска: Реализиравме над 80 отсто од обврските од Акцискиот план за Стратегијата за паметна специјализација 2024-2025

Македонската Влада е цврсто посветена на изградба на општество базирано на знаења, во кое науката, иновациите и човечкиот капитал се главни двигатели на развојот, за што доказ е реализацијата на над 80 отсто од предвидените обврски со Акцискиот план за Стратегијата за паметна специјализација за периодот 2024-2025 година, изјави во Брисел министерката за образование и наука Весна Јаневска.

– Нашата македонска Стратегија за паметна специјализација е чадор што ги поврзува сите национални напори за иновации и индустриска трансформација на нашата земја. Стратегијата е развиена врз основа на методологијата на ЈРЦ и под постојано водство на ЈРЦ, рече Јаневска во обраќањето на панелот „Процеси на паметна специјализација во Западен Балкан: клучни достигнувања и искуства“ во рамки на Конференција посветена на стратегиите за паметна специјализација во процесот на проширување на ЕУ, организирана во Брисел од страна на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ).

Таа нагласи дека Акцискиот план 2024 – 2025 опфаќа 35 мерки и 63 активности со буџет од 6,1 милион евра, при што Министерството за образование и наука е вклучено во 31 активност.

Јаневска истакна дека Стратегијата за паметна специјализација дефинира четири главни приоритети сегменти и тоа умно земјоделство и храна, информациско-комуникациска технологија, електромеханичка индустрија или индустрија 4.0 и одржливи материјали и умни објекти, поддржани од две хоризонтални области за енергијата на иднината и туризмот, целосно усогласени со целите на дигиталната и зелената транзиција.

– Акцискиот план за периодот 2024-2025 воспоставува мерки за зајакнување на научната извонредност, развој на иновативниот екосистем, поддршка на конкурентноста и бизнисот насочен кон напреден човечки капитал и забрзување на дигиталната трансформација, рече Јаневска.

Според Јаневска, сите предвидени имплементации од Планот започнале во 2024 година и иако нивното целосно влијание ќе биде видливо во наредните години, земјата сепак доживува значителен напредок и систематска трансформација.

Како примери за неколку клучни достигнувања оваа година, таа ги посочи усвојувањето на новиот Закон за иновативни активности, научен технолошки развој и претприемништво, основањето на Национална агенција за иновации и претприемништво – ИНОВА и финализирањето на стратешките закони за високо образование и за научно-истражувачка дејност.

– Во 2025 година Министерството за образование и наука го зголеми буџетот за научни истражувања за 50 проценти во споредба со 2024 година. Половина од овој буџет сега е наменет за конкурентни истражувачки проекти. Оваа година ќе бидат одобрени 45 истражувачки проекти на државни универзитети, од кои 15 се директно поврзани со приоритетните области на Стратегијата за паметна специјализација, рече јаневска

Таа се осврна и други проекти финансирани од државата за поддршка на иновациите, технолошкиот развој, зелена трансформација на компаниите и економски раст на средните претпријатија.

– Затоа, во Северна Македонија правиме сè што е во наша моќ за да ја спроведеме стратегијата и за да го поттикнеме економскиот раст. Затоа, за мене, соработката со ЈРЦ е приоритет, како и соработката со Комисијата и еврокомесарот за наука и иновации, рече Јаневска

Министерката нагласи дека во новиот Акциски план за периодот 2026 – 2027, кој е во подготовка, ќе бидат интегрирани препораките на ЈРЦ за зајакнувањето на финансиската одржливост, ангажманот на приватниот сектор и подобрување на механизмите за мониторинг и евалуација на Стратегијата за паметна специјализација.

– Би сакала да ја споделам нашата неодамнешна национална иницијатива за воспоставување на Научно-технолошки парк, што претставува клучен стратешки приоритет за Владата. Целосно сме посветени на неговата успешна реализација и во моментов ја подготвуваме потребната документација во тесна соработка со сите релевантни засегнати страни. Планирано е имплементацијата на проектот да започне во 2026 година, означувајќи значајна пресвртница во унапредувањето на технолошкиот развој и иновациите во нашата земја, рече Јаневска.

Таа посочи дека државата има одлична соработка со ЈРЦ, со кого минатата година Министерството потпиша Меморандум за соработка, а лабораториите на Центарот станаа достапни за македонските научници и истражувачи, најавувајќи дека следната година ќе биде објавен и повик за финансиска поддршка на научниците со цел да се стимулира поголема искористеност на лабораториите.

Конференцијата започна со воведни обраќања на еврокомесарката за проширување Марта Кос и генералниот директор на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, Бернард Магенхан.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3