Вести
Изборот на новите министри по завршување на седницата за Буџетот за 2026 година
Седницата за разрешување на министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани и изборот на новите министри најверојатно ќе се одржи по завршувањето на седницата за Буџетот за 2026 година, односно меѓу 15 и 18 декември, но не се исклучува тоа да биде и порано, изјави денеска на брифинг со новинарите претседателот на Собранието Африм Гаши.
Владата вчера ги предложи Муамет Хоџа за министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и Беким Сали за министер за европски прашања.
Гаши кажа дека неговиот план е на таа седница да и претходат опозициски прашања така што во Собранието би можеле да бидат присутни сите и премиерот и сите министри.
За утре е закажана 73. пленарна седница, а на 9-ти декември 72. седница на која започнува петдневната дебата за Буџетот за 2026 година.
На 9-ти декември исто така е закажана седница на Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот по претставка на Здружението 16 март 2025 Кочани. На седницата на Постојаната анкетна комисија се повикани родители и блиски на загинатите во трагедијата во Кочани. На вчерашната координација претседателот на Собранието, како што кажа, го замолил координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов да побара од Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија, седницата да биде одложена за друг ден за да може тој, премиерот Христијан Мицкоски, и сите други пратеници кои сакаат да присуствуваат да го сторат тоа. Седницата на Анкетната комисија се поклопува со пленарната седница за Буџетот за 2026 година, што како што вели претседателот на Собранието, граѓаните го очекуваат со нетрпение, а преклопувањето на саатницата на одржување ќе биде пречка за оние кои што ќе сакаат да присуствуваат.
На координацијата вчера Гаши побарал од координаторите на пратеничките групи и предлагачите на двете анкетни комисии поврзани со трагедијата во Кочани на СДСМ, Левица и ДУИ и другата на владејачкото мнозинство, со која се предлага да се разгледуваат освен Кочани и другите претходни трагедии со Модуларната болница, Дурмо турс и Ласкарци, да пробаат да се договорат за да има само една ваква комисија. Составот на комисиите е ист, вели, тој, но се уште нема одговор од пратеничките групи за тоа прашање.
Во однос на реакциите во јавноста и дилемите дали сега паралелно со судскиот процес треба да има анкетна комисија за трагедијата во Кочани во Собранието, рече дека и тој има дилема дека може да има последици по судскиот процес, но дека дел од координаторите сметаат дека нема да се мешаат во судскиот процес туку дека ќе се бара политичка одговорност.
На вчерашната координација во Собранието станало збор и за Изборниот законик, за што Собранието ќе формира работна група, а Гаши вели дека ќе ја интензивира работата околу него. Од владиниот претставник министерот Љупчо Димовски бил информиран дека има финална верзија на Изборниот законик и оти ќе биде доставена до пратениците. На следната координација ќе се договори форматот на комисијата.
Во Собранието се очекува и предлогот на Владата за измени на Кривичниот законик, по сугестиите на Уставниот суд, но и реформските закони од правосудството.
Гаши добил известување од Зијадин Села дека Алијансата на Албанците во Собранието нема да биде дел од Европскиот фронт, како и дека пратеникот Илир Демири кој е од оваа партија ќе дејствува како независен пратеник. Дали во Собранието има Бадентерово мнозинство по промените во албанскиот блок, Гаши вели дека не бил можел да каже, но и дека тоа не е негова работа. Потсетува дека во минатото имало случаи кога за некои закони имало Бадентерово мнозинство, што покажува дека доколку има политички договор може да се постигне.
декември 2, 2025

