Connect with us

Регион

Американски функционер: Време е за изградба на „Јужна гасна интерконекција“ на БиХ со Хрватска

Вршителот на должноста во Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина (БиХ), Џон Гинкел, изјави денеска дека земјата се наоѓа на „енергетска пресвртница“ и дека е време за изградба на „Јужната гасна интерконекција“ со Хрватска.

Додека светот брзо се менува, „БиХ се наоѓа на крстопат“ и за неа е „важно да постапува одлучно за да ја обезбеди сопствената енергетска сигурност или ризикува да заостане“, напиша Гинкел во текст доставен до медиумите од Амбасадата на САД во БиХ.

Тој потсети дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп укажала „дека секој молекул руски гас купен во Европа ја финансира руската воена машинерија“.

Наведувајќи дека БиХ сега е стопроцентно зависна од Русија за снабдување со гас, Гинкел оцени дека тоа снабдување е несигурно, дека Европската Унија го забранува рускиот гас на својот единствен пазар, а Бугарија најави дека ќе го стопира преминот на рускиот гас преку нејзина територија до 2028 година.

„Кога тоа ќе се случи, на БиХ ќе ѝ биде потребен нов извор на гас, додека и нејзините соседи се борат за тоа. Со само една постоечка интерконекција за увоз на гас, БиХ ќе се мачи да обезбеди алтернативно снабдување со гас или да резервира капацитет на гасоводот“, предупреди Гинкел.

Според него, решението е изградба на гасоводот „Јужна интерконекција“, која преку Хрватска би ја поврзала БиХ со европската гасна мрежа. Гинкел оцени дека тој проект би ѝ овозможил на БиХ купување сигурен и достапен течен природен гас (ЛНГ), ќе ја подобри енергетската сигурност и ќе ги зајакне нејзините комерцијални и стратешки врски со доверливи добавувачи на енергенси, особено со САД.

Гинкел потсети дека пред две седмици се сретнал со лидерите на владејачката коалиција во Федерацијата БиХ, на кој, како што наведе, првпат по многу години е постигнат консензус за напредок во реализацијата на проектот „Јужна интерконекција“.
„Договорено е дека американска компанија би била во најдобра позиција да го гради гасоводот, да управува и да раководи со него во интерес на сите жители на Федерацијата БиХ. Во наредните седмици ќе водиме интензивни разговори за да ги разработиме деталите, со намера изградбата на Јужната интерконекција да започне следната година“, најави Гинкел.

Проектот „Јужна гасна интерконекција“ со години е во мирување поради спорот меѓу хрватската и бошњачката страна околу тоа каде ќе биде седиштето на новата гасна компанија и кој ќе управува со проектот. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4