Култура
Концерт ,,Вибрации на флејта“ на Фјола Рамадани и Едита Руси во македонскиот КИЦ во Загреб
Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, со концертот „Вибрации на флејта“ Фјола Рамадани на флејта и Едита Руси на пијано приредија несекојдневно музичко патување за бројната публика.

-Со суптилната изведба на дела од класичната и традиционалната музика, Фјола Рамадани и Едита Руси приредија вистинско празнување на музиката кое публиката го награди со искрени и долготрајни аплаузи. Двете уметници оставија впечаток на совршено усогласено дуо – перфектната сценска комуникација и меѓусебна доверба се чувствуваше преку секоја отсвирена нота, се наведува во соопштението од македонскиот КИЦ во Загреб.
Концертот, како што се посочува во соопштението, уште еднаш го потврди значењето на програмските активности на македонскиот КИЦ во Загреб во промоција на домашната музичка уметност на меѓународната ниво, како и високото ниво на креативност и професионализам на македонските уметници.

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска во својот поздравен говор истакна дека концертот претставува уште еден значаен сегмент од програмата на македонскиот КИЦ, која низ музички приказни и патувања преку камерни концерти ги претставува и афирмира македонските музички уметници на меѓународната сцена.
Концертот во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, претставници на дипломатскиот кор, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски професори како и претставници на државната власт и локалната самоуправа во Република Хрватска.
ноември 27, 2025

